Референдумот за името – главна тема во неделниот печат

Илустрација

Капитал анализира што е патриотизам во пресрет на референдумот за името, додека Фокус вели дека во однос на референдумот треба да се застане зад владата, а оти за другото има време после.

Капитал - Патриотизам versus патриотизам, како уникатен ’моронизам‘

„Патриотизам versus патриотизам, како уникатен ’моронизам‘“ е насловена една од анализите во рубриката Коментари и анализи во Капитал во која всушност се анализираат двата вида патриотизам коишто суштествуваат во нашево актуелно време по постигнатиот Договор со Грција и претстојниот референдум. Па авторот вели дека пасионираните противници на Иднината за Македонија со неподнослива леснотија, запенавено и со предозирана патетика го дефинираат поимот Патриотизам како „подготвеност да се УМРЕ или да се жртвува и сопствениот живот за својата држава. За разлика од ваквите, продолжува Капитал, „лидерот на актуелната позиција го дефинира вистинскиот патриотизам како ’безрезервна подготвеност да се ЖИВЕЕ за својата држава, но и да се ЖИВЕЕ ВО СВОЈАТА ДРЖАВА‘!!!“ Дел од граѓаните очигледно се уиграле во улогата на „страдалници од памтивека“ со самододелена приоритетна мисија на некакви заштитиници на светиот спомен за „пролеаната крв на нашите дедовци“, па со френетично изразен националистички мазохизам прават сè за да се спротивстават на секоја (позитивна) промена во веќе вкоренетиот лузерски менталитет. Опседнати исклучиво со минатото, таквите не сакаат ни да зборуваат за нова, Победничка улога на Македонија во современата регионална и глобална „претстава“ на сцената од 21 век. Авторот објаснува дека Преспанскиот договор со Грција и неговата ратификација и целосната примена е уникатна „Once in a LIFETIME“, можност еднаш во животот за иднината на нашата држава. „А во актуелниве моменти, продолжувањето со изјавите од типот на - „Јас сум за НАТО и ЕУ, ама сум ПРОТИВ овој ’Договор‘ се моронизам пар екселанс“, завршува колумната во Капитал.

Фокус – За референдумот треба да се застане зад СДСМ и ДУИ, за друго има време после

И од најновиот број на Фокус одбираме текст поврзан со претстојниот референдум: еден од редовните колумнисти на неделникот пишува: „Во овој историски момент, по ова референдумско прашање, ’Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?‘, треба да се застане зад политиката на СДСМ и ДУИ. За друго, има време после. Зашто тоа е поддршка да се стави крај на децениската шизофрена игра со народот, само за да се добијат избори“, пишува покрај другото колумнистот. Фокус објавува и интервју со првиот човек на БЕСА, Биљал Касами, кој покрај другото зборува и за претстојниот референдум и за Договорот со Грција. Како поента од разговорот со Касами, неделникот ги цитира неговите зборови: „Референдумот треба да покаже дали Македонците се за ЕУ и НАТО, исто како и Албанците“.