Владата и аферите - има ли двојни аршини?

Архивска фотографија - Седница на Владата на Република Македонија

Според аналитичарите, оваа влада реагира подобро од претходната за наводите за злоупотреби и притисокот од јавноста, но сепак тоа не е доволно. Постои и впечаток дека во некои случаи има и двојни аршини, па затоа тие инсистираат на системски мерки.

Јавноста реагира побудно и пожестоко на аферите поврзани со наводни злоупотреби на власта, а Владата реагира, но не секогаш доследно - ова е впечатокот на дел аналитичари по објавувањето на информациите за злоупотреби.

Десетина имиња на функционери во последнава година и два месеца откако СДСМ ја предводи власта во јавноста беа поврзувани со различни афери. Дел од нив си поднесоа оставки, за дел се побарани, за дел пак и покрај критиките од јавноста реакција немаше.

Последен таков пример за злоупотреба на позицијата е со шефот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски. Неговата ќерка, како што објавија прво медиумите, по што јавноста силно реагираше, со службен џип била на одмор во Грција. По неколку дневен јавен притисок стигна и информацијата дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предложил негова оставка.

Отчетноста, транспарентноста и одговорноста во овој владин мандат се подобрени во однос на претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не е доволно, коментира Марко Трошановски, комуниколог од Институтот за демократија.

Сензибилизираноста на јавноста меѓу другото е и поради тоа што невладиниот сектор во минатиот период разви експертиза за следење на злоупотребите на службената должност на која реагираат и медиумските работници, додава Трошановски.

Поради тоа притисокот кон Владата во овој мандат е значително поголем, но и самата влада го има товарот да биде поотчетна и поодговорна кон јавноста, бидејќи токму на тие ветувања, меѓу другото, дојде и на власт“, вели Трошановски.

Но, ако заедничко за сите наводни злоупотреби е што јавноста реагира бурно, разликата е во тоа што за сите нема иста реакција на власта.

Потребно е системско решение

Има двојни, па и тројни аршини на власта, смета професор Мирјана Најчевска. Според неа, тоа ќе биде така се додека власта не сфати дека треба да преземе системски мерки со кои ќе се создаде контрола за да се превенираат други такви случувања.

„Тоа е она што не го прави власта и со тоа се овозможува создавање привид дека власта реагира на барањата на јавноста, а всушност само успева да расчисти со некои кадри кои можеби и неа не и се толку важни или да реагира на места за кои што смета дека не допираат до суштината на владеењето”, вели Најчевска.

Во мај премиерот Зоран Заев рече дека „нема недопирливи и не смее да има и дека денес во Македонија слободно се коментира, а власта знае да се повлече”. Минатиот месец пак, по превирањата во јавноста и критиките за распределувањето на парите од Фондот за иновации и технолошки развој премиерот рече дека нема да побара оставки затоа што се повлекле и дека ако така бараат оставки, потоа ќе треба се мислеле од каде да најдат луѓе да ги ангажираат во власта.

Во аферата поврзана со Фондот за иновации беа посочени повеќе државни функционери - првиот човек на фондот Јован Деспотовски, советничката на премиерот Цветанка Ласкова и вицепремиерот Кочо Анѓушев и други.

Покрај тоа што неговото име се спомнуваше во последната афера со фондот тој беше доведен и во релација со други државни тендери. Премиерот Заев пак, неодамна изјави дека Анѓушев му понудил оставка, но дека не можел да прифати одговорност затоа што „некој комерцијалист во фирмата во која тој имал удел решил да потпише апликација”.

Има ли двојни аршини?

Во ист период со аферата со Фондот во јавноста излегоа и наводи за сомнителен тендер во Министерството за здравство. Првиот човек на ресорот Венко Филипче, откако на првата прес конференција рече дека постапката е во фаза на евалуација, на втората прес конференција, веќе следниот ден ја прекина постапката поради „пoстоење одредени неправилности во документацијата”.

Едни од првите информации за наводни злоупотреби откога дојде оваа власт беа поврзани со името на генералниот секретар на владата Драги Рашковски. Тој во медиумите беше споменуван за непотизам и за неточно преставување дека има два доктората.

Меѓу првите разрешувања пак беше на директорот Агенцијата за туризам, Александар Донев. Владата во јануари донесе таква одлука поради како што наведе несовесно и невнимателно работење. Донев беше критикуван во јавноста за расипништво поради тоа што патувал до Аргентина со лет од бизнис класата за кој платил 220 000 денари.