Достапни линкови

Парите ги враќаат, а што е со политичката одговорност?


Државната изборна комисија (ДИК) го одредува редоследот на гласачките ливчиња за локалните избори 2016.
Државната изборна комисија (ДИК) го одредува редоследот на гласачките ливчиња за локалните избори 2016.

Антикорупционери оценуваат дека не е доволно државните функционери да ги вратат парите ако се утврди дека трошењето било незaконско, и оти треба да се процени дали тие имаат кредибилитет и натаму да ја извршуваат нивната функција.

Во изминатите денови предмет на остри критики во јавноста беа случаите со трошење на буџетски средства, од кои едниот со Државната изборна комисија чии членови си поделиле четири плати како надомест за нивното ангажирање на изборите и најавите дека ќе ги вратат, а другиот со Директорот на агенцијата за туризам Александар Донев, кој патувал со бизнис класа за Аргентина и најави дека ќе ги врати парите со кои било доплатено за седиште во бизнис класата.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека од аспект на трошење на буџетските средства парите треба да се вратат од таму од каде што биле неосновано земени, но оти тоа не е доволно.

„Ако се утврди дека трошењето на парите било спротивно на законот или подзаконската регулатива, која тоа го утврдува, секако дека треба да бидат вратени, а што се однесува на политичката одговорнoст, тоа треба да оди паралелно со првото“, вели Драган Малиновски.

Имајќи ја предвид лошата социјално економска состојба во државата граѓаните порачуваат дека државните службеници треба рационално да ги трошат парите од буџетот. Доколку тие што извршуваат државни функции не понесат морална одговорност за да се соочиме со сите предизвици ние никогаш нема да ги надминеме, коментираат дел од нив.

Што велат граѓани за неодговорно трошење на буџетски средства?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:32 0:00

„Парите ако се земени, се земени тоа е факт, треба да се вратат, а за поличка одговорност е специфично кај нас. Би требало да понесат консеквенции, но одлуката не е моја.“

„Не требало да ги земаат парите. Ако целата клима во земјата е дека треба да се штеди, а тие што баш треба да покажат да се штеди не го прават тоа. Тие велат законски е. Точно е законски е, но каде е моралот. А политичката одговорност тоа е друго 12."

„Да ги вратат и да бидат разрешени за пример на оние кои доаѓаат. Доста беше. Уште наоѓаат начин да се оправдаат. Ќе ги врател, ма немој. А не знаеме колку зеле“, велат анкетирани граѓани.

Антикорупцинери ги повикаа надлежните институции да постапат така што ќе се расветлат во целост случаи кои беа во фокусот на јавноста.

„Контрадикција е произнесувањето дали е законски или не. Треба да се утврди фактичката ситуација. Медиумски како што беше поставен случајот немаме доволно елементи да утврдиме колку било и дали било тоа законски, но во соодветна постапка треба да се провери“, изјави Малиновски.

Членовите на ДИК одржаа седница на која потенцираа дека одлуката за надоместок за изборите за нив, за стручната служба и други ангажирани лица е законска, според член 19 од Изборниот законик и Правилникот на Комисијата. Тие истакнаа дека од распишувањето на изборите до нивното завршување за нив нема работно време, ниту празници, ниту викенди...

Како и да е Членовите на ДИК, наведоа дека иако сметаат дека ги заслужиле, како што посочија, поради судот на јавноста ќе ги вратат четирите плати во буџетот или ќе ги донираат.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG