По информацијата на РСЕ на македонски јазик дека 28 невладини организации, граѓански иницијативи и партии на чело со Јанко Бачев од Единствена Македонија се обединија и почнаа кампања наречена „Македонија бојкотира“, Нестороски Ристе постирал „Браво за бојкот“, а Кузевски Душан напишал: „28 невладини по 16 членови секоја е еднакво на...“. Сали Демировски е за поостри мерки: „Абе пикнете ги во затвор, што толку ги тинтрате“.
По видеото „Во 90 секунди – Тешко прашање, лесен одговор“, преовладуваат коментари и постови со повици за бојкот на референдумот, негативни реакции кои покажуваат непознавање на работите, дезинформации, колнења, навреди и говор на омраза спрема РСЕ. Многу од тие постови се вулгарни и, според нашата уредувачка политика – не ги објавуваме. За Никола Јовановски сме „Соросоиден портал, што да се очекува од вас“, а Нестороски Ристе постирал и под оваа информација: „Не сум за членство ниту во НАТО ниту во ЕУ со притисоци“. Ѓорѓи Ристески коментирал: „Секако дека во ЕУ и НАТО, името не се менува, се добива историска шанса. Никој од овие лажни неписмени патриоти, посебно повозрасните, не кренал глава за вистинското прашање за етничка Македонија, секогаш биле за поволности, заврши со тоа, Македонија оди напред со своја јасна иднина“.
Се чини дека граѓаните се негативно расположени спрема претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи откако РСЕ објави дека тој на својот ФБ профил постира дека барањето за амнестија од негова страна било измислено, а предлогот од премиерот Зоран Заев за влегување во Владата за заеднички да го „одработат“ претстојниот референдум - непристоен, најчести се постовите кои како да можат да се сублимираат во постот на Бобан Неделковски: „Целото ваше дејствување во овој период се сведува на уцени за амнестија“. Ангел Кими, пак, предвидува непријатна судбина за ВМРО-ДПМНЕ: „После референдумот на десет парчиња ќе се распаднете. Па пак со главата во ѕид одете!“
По изјавата на премиерот Заев дека ќе поднесе оставка ако на референдумот има повеќе гласови против, Дарко Пресилски не му верува: „Види колку си паметен, така да ги лажеш твоите неписмени комуњари“ и смета дека „секое ливче против ќе биде заменето со ’да‘“.
По своевидната писмена размена на забелешки и напади меѓу СДСМ и Кабинетот на претседателот Иванов по неговиот говор на Мечкин Камен, има прилично голем број постови со поддршка до Иванов, но и такви со негативна конотација. Тодорка Велјановска постирала: „Тој вели го заобиколија, а тој го заобиколи народот и сега се прашуваме кој народ?“ Ангел Ѓаволески очигледно ѝ одговара: „Па да ја прашаме тогаш Мирка или Миленко!“