Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов за време на своето обраќање на Мечкин Камен во Крушево ја обвини Владата дека се обидува дека го заобиколи и оти не го прифаќа Договорот за името кој е на штета на македонскиот идентитет и интересите на земјата.
„Нема да ме поколебаат разните обиди за притисоци. Останувам доследен на мојот принципиелен став. Истовремено повикувам да престане да се злоупотребува остварувањето на нашите стратегиски цели и определби. ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Република Македонија“, рече Иванов.
Тој порача дека и да се прифати договорот и да се спроведат уставните измени без вистински реформи нема членство во ЕУ и НАТО и тоа не следува по автоматизам.
Време е Македонија да направи историја. Триесети септември е денот на новата историска одредница. Тоа е денот кога ќе донесеме одлука за нашата натамошна иднина, за иднината во семејството на европските народи и земји членки на ЕУ. Тоа е денот кога ќе ја определиме нашата иднина како земја членка на најсилниот воено политички сојуз НАТО, порача премиерот Зоран Заев од меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце по повод прославата на празникот Илинден.
„Ние граѓаните, секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот за одлука. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменти и ја превземаат одговорноста за да одлучат. Во вакви пресудни моменти не се седи дома, не се молчи, не се остава друг да одлучува. Тоа се моменти кога шансата треба да се зграби храбро, одлучно, и достоинствено“, истакна Заев.
Според Заев, Договорот за името со Грција го гарантира македонскиот идентитет и јазик, како и грбот, химната и знамето, а со него се потврдува државјанството како македонско. Тој порача да запрат поделбите и сите да се изјаснат со „да“ на референдумот.
„Време е за иднина, наместо небиднина. Ве повикувам сите вас да кажете со гордост „да“ за да ги зграбиме можностите кои ни ги нуди ЕУ. Да кажеме „да“ за гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО. Да кажеме „да“ за признаен и потврден национален македонски идентитет, јазик и култура“, порача Заев.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје рече дека Илинден е еден од темелните датуми во историјата на Македонија, која во 27 години самостојност поминала многу премрежија и кризи, кои се надминати и земјата оди напред.
„Сите ние како граѓани сега сме пред уште една голема и можеби судбоносна одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатланското интегрирање на земјата или пак ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој не не води никаде, е наш избор“ рече Џафери.
Според него, никој нема право да тргува со името и со идентитетот. Иванов ги повика опозицијата и сите граѓани да бидат одговорни и визионери и да го поддржат исполнувањето на Договорот со Грција за името со кој ќе се исполни стратешката цел, членство во ЕУ и НАТО.