Внимателно одбраните песни и инструментални ора од Малешевијата, Осоговијата, Пијанец и Овче Поле создаваат една целина во која се чувствуваат спецификите на македонската музичка традиција од овој регион кои се издвојуваат по своите ритмични, мелодични и карактерни елементи. Самиот избор на материјалот кој е претежно во специфични нерамноделни ритмови, во темпераментно и разиграно темпо, со едноставна, но сепак развиена мелодија во која се нагласени спецификите на источномакедонскиот говорен дијалект со својата музикалност, како и разноликоста на лирските теми опеани во песните, му го пренесуваат на слушателот ехото на планиските предели во источна Македонија со сета своја длабочина и мекост која авторот на овој проект во целост ја доловил.
Ова ќе го запише во својата рецензија за проектот „Кон Исток - Од македонското поднебје“ на Бајса Арифовска и Душко Георгиевски што се појави деновиве етномузикологот д-р Велика Стојкова Серафимовска.
Понатаму таа во својот текст пишува дека „и повторно, мајсторството на Бајса Арифовска најде свој простор на мошне суптилен начин да ги разубави и презентира, но пред сé, да ги оживее овие скоро заборавени мелодии од источниот крај“. Во совршено избалансиран модус, таа го оживува традиционалниот музички инструментариум, кој и самиот виртуозно го владее, притоа користејќи инструментални техники и мелизми специфични за овој регион. Скоро неприметните авторски интервенции се јавуваат на одмерени места и со мелизматика која се јавува како природно надградување на народната мелодија – потенцира Стојкова Серафимовска.
Од друга страна за Душко Георгиевски таа ќе забележи дека „во духот на доајените на македонската песна, неговиот вокал сосема ја следи мелодијата и хармонијата во сите песни кои ги изведува со природна леснотија и суптилна мелизматика која пулсира во источномакедонскиот музички дијалект“.
А Бајса Арифовска, инаку виртуозна изведувачка на кавал, гајда, тамбура, тапан и на пошироката публика позната не само по сопствените проекти туку и како член на Квартетот на Драган Даутовски и народниот оркестар на Државниот ансамбл на народни песни и игри „Танец“, знае да каже дека „Кон Исток“ е резултат на заедничката дружба со Георгиевски во последниве пет години. Дека со него како докажан пејач, интепретатор на староградска и чалгаџиска музика, увиделе оти им недостасуваат песни од изворниот репертоар.
„Уште еден заеднички мотив беше поканата од Источноевропскиот фолклорен центар со седиште во Беркли, САД. Од таму не повикаа да држиме семинар токму за традиционална музика. Јас за традиционални инструменти, а Георгиевски да биде предавач на изворна музика. И заклучивме дека едноставно ни фали таков репертоар кој ќе биде забележан на носач на звук. Затоа се решивме да бидат тоа песни коишто најмногу ни лежат. Од Источна Македонија, бидејќи Душко е по потекло од Свети Николе, а јас го имам Истокот во раце, посебно Малешевијата, Пијанец, Осоговијата“, вели Арифовска.
Бајса дополнува дека одбрале десет композиции, осум песни и две ора, и викајќи ги околу себе проверените свирачи како Емил Адамски на кавал и гајда, Златко Димитријоски на тамбура.
и Ратко Даутовски на тапан и други ударни инструменти, влегле во студио за да го документираат материјалот. Притоа си поставиле задача да ја сочуваат оригиналната мелодија, но таа морала како професионален музичар да го „спакува тоа на свој начин“. Да биде сето тоа паметно направено и без некои посебни додавања.
„Бев многу внимателна како треба да изгледа еден аранжман во изворна музика. Се држев до традицијата, но и организирав оркестарот да биде препознатлив. Да биде свој“, истакнува Бајса.
Георгиевски, пак, ќе рече дека со Арифовска досега заедно потпишале неколку проекти кои од публиката и критиката „биле оценети како одлични“. Потсетува дека идејата за „Кон Исток“ ја дала таа, дека првично размислувале како да и се обратат на изворната традиција за да конечно заклучат оти е најдобро да се држат до традиционалната форма со нејзино благо воведување во времево во кое живееме. Најпосле дека ова за него било голем предизвик.
„За мене ова беше еден сериозен предизвик. Јас немам снимено многу вакви песни. Предизвик е затоа што еве на некој начин е нешто ново а повторно е враќање кон корените. Еве пред промоцијата разговаравме и со Бајса и со колегите дали сето тоа ќе биде добро примено и заклучивме дека нема место за сомневање затоа што едноставно тоа ни е во крвта. Го чувствуваме како свое и мислам дека е чест и задоволство да се биде дел од еден ваков проект“, вели Георгиевски.
Конечно во пресрет на обнародувањето на албумот „Кон Исток“ на Арифовска и Георгиевски да се навратиме уште еднаш на рецензијата на д-р Велика Стојкова Серафимовска која потенцира дека „она што овој проект го прави уште попривлечен е неговата тематска уникатност која обединува еден музички дијалект во шаренолика музичка приказна“.