Достапни линкови

Продолжува традицијата на македонскиот народен мелос


Гајди, зурли, тапани, кавали и ќеманиња повторно ечеа на Рудина кај Долнени. Повеќе од 350 вљубеници во изворниот македонски мелос зедоа учество на 43-тото издание на Фестивалот на народни инструменти и песни Пеце Атанасоски во Долнени. Меѓу учесниците имаше и дечиња на петгодишна возраст.

Песни и ора во придружба на звуците од гајдите, зурлите, кавалите, тапаните ечеа и овој прв викенд од јуни на Рудина кај Долнени. Преку 350 поединци, групи и културно-уметнички друштва, вљубеници во изворниот македонски мелос овој пат настапија на нова сцена, на новоизградениот амфитеатар, оставајќи печат на 43-то издание на единствениот во државата фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“.

„Фестивалот треба да се одржува, тој е навистина нешто убаво.“

„Јас свирам на тамбура и на кемане, бидејќи тие се многу убави инструменти, нема лош инструмент, на сите може да се извади убава мелодија.“

„Не доаѓаме од друга причина, освен од љубов, зашто ние го сакаме фолклорот“, велат учесниците.

„Значи овој фестивал ја продолжува традицијата, ја исполнува целта на своето битисување и постоење. Има многу интерес од младата популација, на овој фестивал учествуваат дечиња од 5 години, до постара возраст 85 години и постари. Има многу љубов кон нашата традиција и само тоа е начинот да ја продолжиме нашата традиција“, вели Илчо Јованов, претседател на Собранието на Фестивалот.

Трета година по ред во рамките на фестивалот се одржува семинар на којшто ученици вљубеници во народните инструменти учат да свират под инструкции на врвни професори од Македонија.

„Свирам на тапан и одам три години во музичко, сакам да свирам на тапан, оти ми е интересно“, вели младиот Оливер Кочоски од Прилеп.

„Тука сме на семинарот, како една музичка група, со љубов кон традицијата изучуваме да свириме некои народни песни, заедно соработуваме, вежбаме“, вели Лора Штагоска од КУД „Мирче Ацев“.

Фестивалот секоја година ја збогатува својата понуда. Годинава беше изведен и музичко-сценски перформанс насловен „Традицијата оживува“, на којшто беше прикажано целокупната традиционална култура од Долни Полог.

„Во минатото жените и мажите преку облеката го изразувале својот социјален статус во заедницата. Дали една жена жали, дали е таа спремна за мажење, дали таа е млада невеста, прикажувала преку облеките што ги носела на себе. И токму затоа оваа ревија ги обработува социјалните аспекти на носиите. Но, надополнето со пеење, со играње, со свирење, во суштина е прикажана целокупната традиционална култура на населението од Долни Полог. Кога ќе биде прикажана носија за млада девојка, тогаш ќе се пее, „Лазарска песна“, вели младиот етнокореолог, Бојан Петковски.

Фестивалот традиционално се одржува во родното место на исклучителниот уметник, гајдаџијата Пеце Атанасовски, македонски амбасадор на изворната музика во светот. Завршува со доделување Гран при награди на најуспешните учесници, а Општина Долнени, ја доделува наградата „Гајдата на Пеце“ на најдобриот гајдаџија.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG