Достапни линкови

Фестивалот „Пеце Атанасоски“ по 39 пат


Околу 300 инструменталисти, членови на групи од повеќе краишта во Македонија, етнолози и други научни и културни работници, ќе земат учество на 39-то издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“, што од 5 до 7 јули, ќе се одржи во Прилеп и во Долнени. Ова е единствената манифестацијата во земјава која и натаму со силна посветеност ги негува традицијата и изворниот македонски фолклор, онака како што тоа го правеше врвниот гајдаџија и голем народен уметник.

Долнени и Прилеп, во деновите од претстојниот викенд, наново ќе станат лулка на грижата и негувањето на изворната фолклорна традиција. Во новиот поподатлив термин, еден месец по празникот Спасовден околу кој традиционално се вртеше Фестивалот, цели три дена на сцените во двете општини ќе ечат гајдите, зурлите и тапаните, ќе се полни хоризонтот со волшебните звуци на тамбурите и кавалите. Ќе ечи песната македонска. Впрочем, како и во годините, децениите наназад, и овојпат ќе се потсетиме на она што врвниот народен уметник и учител Пеце Атанасоски честопати знаеше да го каже: „Јазикот, песната, инструментот, носијата, тоа е Македонија и поради тоа нашата земја, нашиот народ се нешто посебно“.
Секој оној што барем еднаш дошол на фестивалот, тој не станува само негов приврзаник туку и заробеник на фестивалската атмосфера и музика. Сите треба да го почувствуваат звукот на изворниот инструмент и во краен случај, нам како нација ни е обврска од колено на колено да се пренесува традицијата, изворното пеење и инструментот.
Весна Атанасоска Вучиќ, директорка на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.

„Секој оној што барем еднаш дошол на фестивалот, тој не станува само негов приврзаник туку и заробеник на фестивалската атмосфера и музика. Сите треба да го почувствуваат звукот на изворниот инструмент и во краен случај, нам како нација ни е обврска од колено на колено да се пренесува традицијата, изворното пеење и инструментот“, вели Весна Атанасоска Вучиќ, која не само што израснала со и на манифестацијата, туку во изминатава декада и формално како директорка на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“ ја продолжи мисијата на својот легендарен татко.
Весна Вучиќ Атанасоска, директор на Фестивалот Пеце Атанасоски во Прилеп.
Весна Вучиќ Атанасоска, директор на Фестивалот Пеце Атанасоски во Прилеп.

Таа знае да забележи дека ова случување не ја има функцијата само на презентирање на нашиот изворен фолклор, туку е и место за размена на искуства, развивање на пријателства и за реална комуникација меѓу народите. Во тој контекст, и овојпат со радост се чекаат учениците на виртуозот од повеќе страни на светот, а во прилог на масовноста на Фестивалот говори и фактот што досега над 9.000 инструменталисти и пејачи си ги одмериле силите на Рудина и во градот под Марковите кули.
Секогаш ќе го има Фестивалот затоа што такви се и учесниците. Тие велат „ич да нема пари ние во чест на Пеце ќе засвириме“. Не, тие свират во чест на Пеце, во чест на инструментот, во чест на македонштината, но ние сме тие што треба да ги подржиме. Сепак се тие оние кои што ни ги негуваат нашите корени.
Весна

Атанасоска - Вучиќ посочува дека, како и сите, и нив како организатори ги погодила економската криза, но вели дека за неговата опстојба има разбирање во двете локални самоуправи и во ресорното министерство, а знаејќи го ентузијазмот на учесниците тврди дека Фестивалот секогаш ќе го има.
Споменик на македонскиот музичар Пеце Атанасоски во Прилеп.
Споменик на македонскиот музичар Пеце Атанасоски во Прилеп.

„Секогаш ќе го има Фестивалот затоа што такви се и учесниците. Тие велат „ич да нема пари ние во чест на Пеце ќе засвириме“. Не, тие свират во чест на Пеце, во чест на инструментот, во чест на македонштината, но ние сме тие што треба да ги подржиме. Сепак се тие оние кои што ни ги негуваат нашите корени.“

Напреварувачкиот дел од Фестивалот ќе се одвива во првите две вечери на летната сцена на плоштадот „Александрија“ во Прилеп, а доделувањето на наградите ( Гран-при, „Гајдата на Пеце“...) и прогласувањето на победниците по категории ќе биде во недела, по што учесниците ќе го посетат манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Варош.

Во пресрет на свеченото отворање ќе се случи и промоцијата на книгата „Македонско традиционално пеење – хрестоманија со мелопоетска анализа“ од д-р Родна Величковска. Во сабота, пак, во спомен куќата на Пеце Атанасовски во Долнени, еминентни етномузиколози како проф. Д-р Ѓоко Георгиев, Катерина Петковска – Кузманова, Захаринка Милосављевиќ и други, ќе дебатираат за формите и содржините на презентирањето на изворниот фолклор.

Инаку, организаторите уште отсега ги започнаа и подготовките за следното јубилејно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасоски“. Во име на масовноста и враќањето токму кон изворните принципи при неговото поставување, тие планираат четирите децении да ги одбележат со враќањето на сцената на Рудина и отворање на манифестацијата кон современите форми во кои темелот е токму изворниот звук и македонскиот музички јазик.

„Сметам дека за 40-от Фестивал повторно ќе бидеме на Рудина затоа што тоа е вистинското место каде што треба да ечат гајдите, зурлите, тапаните, изворната песна. Нашата задача е исклучиво изворниот инструмент, изворната носија, изворната изведба. Меѓутоа тоа не значи дека придружните манифестации со „помодерна музика“ нема да придонесат на Рудина за малку поинаку да функционира Фестивалот. Тој мора да расне, не само да преживува“, тврди Весна Атанасоска Вучиќ.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG