Достапни линкови

Почнува фестивалот ’Пеце Атанасоски‘


Зурли, гајди и тапани ќе ечат три дена на Рудина кај Долнени. во рамки на фестивалот ’Пеце Атанасоски‘.

И годинава, по 36-ти пат, изведбите на повеќе од 200 вокалисти, групи и културно-уметнички друштва ќе бидат потврда дека се уште ’живее‘ и се негува песната, играта, орото, македонскиот мелос и изворниот фолклор како белег на македонскиот ентитет. Во рамките на натпреварувачкиот дел на Фестивалот ќе продефилираат интерпретатори од речиси сите краеви на Македонија, презентирајќи го богатството на македонските народни носии, но и сличностите и разликите со народните носии од Бугарија, Словенија и Србија.
Се преработило, со текот на времето, претрпело измени, најубавиот, есенцијалниот дел од сето тоа народно творештво излегло и тоа има непроценлива уметничка вредност, останува низ вековите да се продолжува.


„Уметничката вредност на народното творештво од било кој вид да е, е изнедрена од пазувите на народот. Се преработило, со текот на времето, претрпело измени, најубавиот, есенцијалниот дел од сето тоа народно творештво излегло и тоа има непроценлива уметничка вредност, останува низ вековите да се продолжува“, вели Захаринка Милосављевиќ, член на Советот на Фестивалот.

Работилница на тема: ’Форми и содржини за презентирање на изворен фолклор‘, театарската претстава ’2012-та Последните Македонци‘ што ќе ја изведе Драмски театар од Скопје, а потоа и концертот на етно-групата Баклава се придружните содржини на годинешното издание на фестивалот, кои нудат нов квалитет во споредба со минататите години. Но, многу проекти кои одамна ги подготвил Советот на фестивалот и натаму стојат во фиока, зашто нема слух од надлежните институции за нивна реализација.

„Како многу малку да водиме сметка за духовното творештво. Околу 50.000 евра, за тие проекти што ние ги имаме, значи тие проекти се пред се платени, Советот на фестивалот и од Министерството се користени тие средства, се платени за да се изработат тие проекти. Сме се обиделе и преку амбасадите, сме ги нуделе и на општините. Совршено ми е јасно дека Општина Прилеп, за локалитетот Рудина не може нешто специјално да направи, нема зошто“,
Многу ќе ми биде тешко, ако младите го заборават, се надевам дека тоа нема да се случи.
вели Весна Вучиќ, директор на фестивалот.

Таа додава дека проектот е понуден на Општина Долнени, но се уште нема конкретни мерки, а од друга страна пропаѓа музејската поставка на фестивалот. Доколку не се преземат мерки и не се одвојат повеќе средства, според оценките на организаторите се заканува опасност фестивалот да прекине.

„Македонското народно творештво, онакво какво што е со целата негова уметничка вредност, е кодот наш, македонски. Многу ќе ми биде тешко, ако младите го заборават, се надевам дека тоа нема да се случи“, потенцира Милосављевиќ.

А, придобивките на фестивалот се огромни, зашто како што вели директорката Вучиќ благодарение на ’Пеце Атанасоски‘ и учесниците како Драган Даутовски се оформи отсек за изворно пеење и изворни инструменти на Музичката академија. А бројните учесници од странство остануваат вечните амбасадори на изворниот македонски мелос.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG