Година - две за скрининг, а преговорите ќе зависат од нас

Седница на Влада на Македонија, Бојан Маричиќ и Бујар Османи

Со скрининг процесот ќе и се даде шанса на државата да биде понапред кога ќе се отворат пристапните преговори. Преговорите почнуваат и завршуваат со поглавјата 23 и 24 - правосудство, основни права, правда и безбедност­.

Околу година до година и пол се очекува да трае таканаречениот скрининг процес или анализата на усогласеноста на законодавството на земјата кандидат со европските закони. Таква е проценка и во домашните аналитички кругови, но и од досегашното искуство - толку траеше скринингот на пример и за Хрватска и за Црна Гора.

Она што следи подоцна, пак, отворањето на поглавјата и процесот на преговори е подолг процес. Хрватска преговараше околу шест години, а Црна Гора која се уште е во тек на преговори процесот го почна од 2012 година. Во случајот со оваа балканска земја, скринингот и преговорите се одвиваа заедно. Проценката на усогласеноста на законодавството почна во март 2012 година, а преговорите во јуни истата година. Хрватска, пак, скринингот го почна по отворањето на преговорите.

Во секое од проширувањата Европската унија учи и применува нови пристапки, коментира Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ.

„Тоа што е специфично кај нас и кај Албанија е што во текот на оваа година Европската унија ќе помине дел од поглавјата кои ќе се преговараат објаснувајќи и го на нашата администрација и на нашите тимови законодавството на ЕУ во дел од областите”, вели Кацарска.

Таа додава дека ваквиот пристап би и дал шансата на државата до идната година, кога формално се очекува да се даде одлуката за почеток на преговорите, да биде понапред од тоа што беа Србија и Црна Гора при почетокот на преговорите.

Според заклучоците на Советот на министри на ЕУ од минатиот месец, Македонија го постави патот кон отворање на пристапни преговори во јуни 2019 година поради постигнатиот напредок. За разлика од преговорите што ги водеше Хрватска, ЕУ сега има нови правила кои се применија и врз Црна Гора и Србија, односно преговорите почнуваат и завршуваат со поглавјата 23 и 24 - правосудство, основни права, правда и безбедност­.

„Овие две поглавја се отвораат последни, бидејќи се потенцира значењето на истите за сите други поглавја затоа што правото за било што, на пример за движење на работници, на стоки ќе го браните пред судовите”, вели Кацарска.

Во случајот со Македонија Европскиот парламент во својот извештај месецов наведе дека брзо отворање на скрининг процесот и на пристапните преговори ќе го одржи и продлабочи реформскиот момент, а отворањето на преговорите би донело дополнителен поттик за демократизација, и би ги зајакнало надзорот и отчетноста.

Скринингот за Македонија почна вчера, со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој им порача на граѓаните дека вратата на ЕУ е ширум отворена, ги повика да излезат на референдумот за договорот со Грција и потенцираше дека земјата сега треба да се фокусира и врз спроведување на бараните реформи. Главен преговарач е вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, а технички преговарач советникот на премиерот Бојан Маричиќ.