Екологијата во фокусот на деветтото Патувачко кино на „МакеДокс“

Со проекции на одбрани документарни филмови во неколку струшки села, од 12 до 25 јули ќе биде реализирано деветтото Патувачко кино на „МакеДокс“. Во рамките на манифестацијата ќе бидат одржани првата сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ и еко-акција за чистење на крајбрежниот појас, а случувањето е планирано да кулминира со Еко-докумаратон во Струга.

Со патувачкото магаренце сме пропатувале многу, ни се отвориле многу врати, а веруваме дека и ние сме подотвориле доста. На нашето платно се прикажуваат приказни кои покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Нашата тајфа носи поетика која често е посурова од таа на Миладиновци, а наместо ловоров венец имаме венци од кромид, подвижни слики и впечатоци.

Ова ќе го запишат во својот „проглас“ членовите на екипата на Патувачкото кино, која својата годинешна база ја смести во селото Радожда. А, тоа подразбира дека тие овојпат, во перидот од 12 до 25 јули, ќе посетат и ќе проектираат селектирани документарни филмови во неколку струшки села.

На самиот почеток, токму на празникот Петровден, на жителите на Калишта им беа прикажани „Патот на јагулите“ (1958) од Ото Денеш и „Планински кавијар“ (Blueberry Hill, 63 мин., 2017, Македонија) на Јордан Дуков, кои во својата основа имаат еколошка тематика и го третираат односот на човекот кон природата. Наредниот ден, на 13 јули, Патувачкото кино осамнало во Радолишта, селото сместено на падините на планината Јабланица. Таму, на мештаните кои главно се занимаваат со земјоделие и занаетчиство, а голем број од нив се на печалба во странство, им бил прикажан „Со љубов“ (Avec l’amour, 67 мин., 2017, Македонија) на режисерот Илија Цветковски. Во саботата во Октиси повторно во фокусот била екологијата, за да вчеравечер по завршувањето на финалниот натпревар од Светското првенство во фудбал во Мислодежда на присутните на проекцијата им биде понуден документарецот за шведскиот фудбалски ас Златан Ибрахимовиќ.

„Оваа година „МакеДокс“ патува низ струшкиот регион и некако се ориентиравме да се свртиме повеќе кон еколошки филмови. Згора на тоа решивме да направиме и една еколошка акција со членовите на школото „Докуникулци“. Секој ден додека трае Патувачко кино по два часа ќе го чистиме некогашниот авто-камп „Треска“ и крајбрежјето на Радожда“, вели Бранд Ферро од „МакеДокс“.

Со досегашните проекции е заокружена првата половина од Патувачкото кино. Останува во наредниве неколку дена да се случат и средбите со жителите на Ташмаруништа, Радожда и Мали Влај, а наедно од 21 до 28 јули биде реализирана и првата сесија на втората сезона на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“. Таа ќе се одвива во партнерство со фестивалот „ДримОн“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy).

„Патувачката школа ја организираме заедно со фестивалот „ДримОн“ и така го заокруживме и планот за годинава. Последната проекција на Патувачкото кино ќе биде во Струга. Ќе имаме докумаратон и тоа ќе биде практично најава за Фестивалот кој почнува следниот ден. Инаку, на „ДримОн минатата година им беше во фокусот на интересирање такашто на еден веруваме едукативен и општополезен начин го заокружуваме овој циклус во струшкиот регион“, појаснува Ферро.

Петрула Велјановска, Питер Зах, Петра Селишкар и Бранд Ферро - организацискиот тим на „МакеДокс“

​Инаку, по трет пат во Македонија, два пати на „МакеДокс“ и по прв пат со екипата на Патувачкото кино е и Питер Зах, режисер и продуцент на документарни филмови од Берлин, Германија.

„Патувачкото кино е уникатен проект. Една од најубавите идеи кои можат да бидат замислени. Воодушевен сум од она што го прават Петра, Бранд, Петрула, Тони, за да им ги донесат документарните филмови на луѓето кои живеат во овие мали места, во селата заборавени од мнозина. Да им покажат на луѓето различен начин на правење на филмови и поинакви дела од оние кои можат вообичаено да ги видат на телевизија. Јас навистина уживам во овој проект“, вели Зах.

Тој и со дополна дека ова е редок настан во европски рамки. Дека има слични заложби за претставување на документарни филмови по Стариот континент, но дека „ништо не е споредливо со ова што овде се прави и начинот на кој толку искрено се поместуваат границите да им се приближи оваа уметност на луѓето по малите места“.

Кон ова само уште и информацијата дека Патувачкото кино на „МакеДокс“ е подржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.