Шеесет и осум филмови, грижливо одбрани од 2791 колку што аплицирале на отворениот конкурс, од дури 120 земји од светот, ќе бидат прикажани во петте програмски целини (Главна програма, Нови автори, Кратки филмови, Студентска и Детска програма) на осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи Од 19 до 25 август, во и на платото пред Куршумли ан во Скопје. Тематски манифестацијата овој пат ќе биде фокусирана на визуелната нарација со мото „Расприкажани слики“, така следејќи ја всушност познатата порака дека „Една слика вреди илјада зборови“.
„Годинава решивме концептот на „МакеДокс“ да биде посветен на визуелната нарација не само поради тоа што таа нели е директно врзана за филмот туку исто така затоа што сметаме дека очите се битен орган за сите нас за да го видиме сето она што не опкружува, што е околу нас, а наедно да ги видиме и сликите коишто се внатре во нас“, вели Петрула Велјановска, член на организациониот тим на „МакеДокс“.
Таа дополнува дека овој пат идејата им била да посветат поголемо внимание на работата на снимателите, со посебен акцент на директорите на фотографија во документарниот филм каде нема повторување на сцените и нема глумци и токму затоа поканиле повеќемина од нив со идеја и преку работилницата за визуелна нарација да го споделат своето искуство „како е да се размислува преку слики“.
Инаку, Фестивалот ќе биде отворен на 19 август со македонската премиера на документарниот филм „Со љубов“, снимен по сценарио на Атанас Георгиев и во режија на Илија Цветковски. Делото ќе биде прикажано во програмата Нови автори, каде се најде и уште еден македонски документарен филм. Станува збор за „Планински кавијар“ на авторот Јордан Дуков во продукција на ТВ Телма.
Во Главната програма, пак, е предвидено да бидат прикажани осум исклучително квалитетни дела на млади автори (филмови како „69 минути“, „Мојот живот без воздух“, „Боби Џејн“, а „Градот на светлината“ ќе ја доживее својата светска премиера) кои ќе се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жирито во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стин Мулер.
„Сите овие филмови ги одбравме затоа што се многу убаво визуелно раскажани. Значи не се класични документарни филмови со многу зборување туку гледачите ги води визуелната нарација. Помалку зборови и повеќе визуелни слики“, истакнува Петра Селишкар, програмска директорка на „МакеДокс“.
И кога сме веќе кај наградите да спомнеме и тоа дека за „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе пресечат докажани творци како Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки, а за онаа именувана како „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм оваа должност им е доверена на Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски. Интересно е и тоа што годинава, по првпат на „МакеДокс“, ќе биде доделено и признанието за краток документарен филм, симболично насловено „Сечкан кромид“, а за наградата ќе решаваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.
Од друга страна, сите филмови што ќе бидат прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која својот збор ќе го каже жирито во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер. Наградите што ќе бидат доделени на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.
А, кога сме веќе кај програмата значајно е да се спомене дека годинава Земја во фокусот е Грузија. Ќе бидат прикажани седум најнови грузиски документарци кои се убав показ дека грузискиот филм, по мачните стагнирачки години од промената на политичкиот систем, повторно се враќа на светската филмска сцена. Со сиот сјај, знаење, талент и љубов од едни други, нови, клинци кои на најдобар можен начин го продолжуваат филмското наследство од претходните генерации.
Покрај филмската програма, на фестивалот ќе се одржат работилницата за визуелна нарација и камера „Една слика, илјада зборови“ на која предавањата од 21 до 25 август во Даутпашин амам ќе ги држат гостите Кристина Первила-Андерсон и Туе Стин Мулер, како и работилницата за фотографија „Камера опскура“, која ќе ја води фотографот Сашо Н. Алушевски. Во текот на фестивалските денови ќе се одржи и втората сесија на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци“.
Незаменлив сегмент во програмата на „МакеДокс“ се Док-муабетите под смоквата, на кои авторите, но и публиката, имаат можност одблиску да се запознаат меѓусебно. Ќе има и промоција на книгата „Социјалниот архетип во документарниот филм“ на Маријана Котевска Георгиева, но и фото-изложба со наслов „Расприкажани слики од грузиски ракурс“. Агенцијата за филм на РМ и Министерството за култура во рамките на спроведувањето на програмата „Креативна Европа“ (Култура и МЕДИА) ќе организираат промотивен настан, кој ќе се одржи на 23 август, со почеток во 11 часот, во медиа-центарот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
И згора на ова, следејќи ја зачнатата традиција, особено важно е и тоа дека ноќите под отворено небо на „МакеДокс“ ќе бидат исполнети со звукот на музиката на три врвни групи. За отворањето на манифестацијата, на прекршувањето на 19-от ден од август, е планирано да настапат страстните и секогаш оригинални „Фолтин“. Во среда, на 23 август, публиката ќе има можност да го проследи перформансот на словенечкиот ансамбл со специфичен израз „Брина“ кој на светската музичка мапа се проби со реаранжирање и осовременување на словенечките народни песни, а за крај е оставена македонската тајфа „Баклава“ која ќе има убава должност наново да го распостели раскошот на традиционалната музика со нивниот минималистички музички концепт.
Конечно, но не помалку важно Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА - потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.