Македонија ќе ја добие поканата за НАТО в среда

Архивска фотографија-Македонскиот премиер Зоран Заев и генералниот сектретар на НАТО, Јанс Столтенберг во зградата на НАТО

На два дена пред самитот на НАТО во Брисел владини претставници брифираат дека поканата е извесна и апелираат до сите политички фактори во земјата да не го блокираат референдумот за да се искористи моментот и земјава да стане членка на Алијансата.

Во среда попладне, на првиот ден од дводневниот Самит на НАТО што ќе се одржи во Брисел, Македонија ќе ја добие поканата за зачленување во Алијансата, рече денеска на брифинг со новинарите националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

“Последните нацрт верзии што ги видовме се работи за идентична формулација како и за Црна Гора, Хрватска и Албанија- дека НАТО ја повикува земјата кандидат да ги почне пристапните преговори”, рече Пендаровски.

Потоа, следниот ден, според се уште неофицијалната агенда, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе му ја предаде поканата на македонскиот премиер Зоран Заев.

Од моментот на добивањето до станувањето членка на алијансата земјава треба да работи и на политички план, пред се на спроведување на договорот за името со Грција и на технички план.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со Пендаровски зборуваа во пресрет на самитот, рече дека процедурата за зачленување на Македонија е идентична како и за сите други земји кои станаа членки. Тоа што е поинакво во случајов со државава пак произлегува од Договорот со Грција, односно уставните измени, за потоа поканата да се ратификува и во грчкиот парламент.

“Нашата цел не е да ја добиеме поканата за НАТО и тука да застанеме. Целта на оваа држава е да добиеме покана за НАТО и во брз и ефикасен процес да станеме членка на НАТО алијансата. Но тоа ќе зависи од владата, од опозицијата, а највеќе од граѓаните на оваа држава и тие ќе го имаат завршниот збор” рече Шекеринска.

Таа додаде дека тие се свесни дека постојат можности за одолговлекување пред се поради внатрешни несогласувања, како на пример за формирањето на Државната изборна комисија, но дека ќе направат се за да се успеело.

Ние сакаме овој процес да биде брз меѓу другото затоа што сега во моментов мнозинство во парламентот во Грција кое го поддржува договорот и ќе поддржи ратификација на нашето членство во НАТО. Не можеме да знаеме по избори каква ќе биде таму ситуацијата” рече Шекеринска.

Во однос на техничкиот дел од добивањето на поканата до приемот Пендаровски појасни дека НАТО прво прави план за пристапување по што генералниот секретар праќа покана до МНР или до Владата. Потоа македонските институции одговараат на поканата за пристапување со што почнуваат мини преговори во кои има политички и технички сесии. Потоа Македонија подготвува мала национална програма за членство и ако се е во ред, рече Пендаровски, се потпишува протокол за пристапување по што почнува ратификацијата кај земјите членки. Македонија ќе стане членка во моментот кога ќе се ратификува кај сите 29 земји што се дел од НАТО, а процесот на ратификација е различен кај секоја од нив.