Достапни линкови

Дневен печат – Скопје 2014 и НАТО


Музеј на жртвите на Комунизмот, Музеј на ВМРО
Музеј на жртвите на Комунизмот, Музеј на ВМРО

Обвинението од финансиската полиција за криминал при изградбата на мостот Око, како и новите истраги за Скопје 2014, се во фокусот на дневниот печат. Тие исто така пишуваат и за очекуваната покана на претстојниот Самит на НАТО.

„Почна расчистувањето со криминалите од ’Скопје 2014‘“ – насловува Слободен печат. Па додава дека „Од мостот ’Око‘ исцедени па вратени 433.000 евра“. Нова Македонија објаснува дека „Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава до ексградоначалникот на Центар Тодоровиќ и уште двајца негови соработници осомничени за несовесно работење во службата“, и дека пријавените лица се согласиле и ги вратиле назад парите, но дека обвинението и натаму важи.

Слободен печат информира дека „Плоштадот ’Филип Македонски‘ во Автокоманда е следен проект на Финансиската полиција“ како и други проекти на ’Скопје 2014‘ за кои постои сомневање дека се злоупотребени пари од државниот Буџет. Весникот наведува дека, на пример, само за цртежот на посочената фонтана биле исплатени 300 илјади евра.

„Владата на Македонија најотворена меѓу владите од регионот“ – покажува истражувањето поддржано од ЕУ со кое се мери отвореноста и транспарентноста на институциите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора. Минатата година, во исто такво истражување, македонската Влада била на последно, шесто место, додава весникот.

Исто така Нова Македонија го објавува одговорот на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на новинарско прашање: „По Самитот на НАТО, на 11 и 12 овој месец, откако Македонија ќе ја добие долгоочекуваната покана за членство во Алијансата, ќе се прецизира референдумот во врска со договорот со Грција во Преспа“.

Вечер со свои наслови – коментари засновани на пишувањето на некои грчки медиуми дека немало да има класична покана: „ЕУ нè остави во чекална, што ќе биде со другата врата? – Дали НАТО ќе нè откачи со: ќе биде каде и да е, но не сега“.

Вечер и Нова Македонија ја објавуваат веста од Собранието на Македонија: „Се намалуваат патните трошоци за пратениците“, инаку прашање кое беше особено актуелно со претходната власт, кога на пример медиумите обелоденија дека некои пратеници подигале стотина илјади евра за патни трошоци. Законот за намалување на патните трошоци е донесен на предлог на пратеничката група на СДСМ, информираат весниците.

Електронските изданија на печатените медиуми го објавуваат и барањето на бизнисмените во Стопанската комора за сузбивање на сивата економија во земјава. Според проценките на европската Организација за економска соработка и развој, ОЕЦД, учеството на сивата економија е 25 проценти во вкупната економија во Македонија, а според анализите на Сојузот на стопански комори оваа бројка е дури поголема, околу 30 отсто.

Скопје ќе добие автобуси на гас“, наслови Независен кој додава дека новите автобуси за неколку години ќе треба да ги заменат автобусите со дизел гориво коишто во Скопје се докажаа како сериозен извор на загадување на воздухот, особено во зимскиот период.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG