Ако референдумот за името сега не успее, ние ќе мора да продолжиме да преговараме со Грција, но спорот за името ќе мора да го решава некоја нова генерација политичари во иднина, вели националниот координатор на Македонија за НАТО, Стево Пендаровски. На дискусијата на тема: „Позитивните и негативните аспекти од зачленувањето на Македонија во НАТО“ организирана од Институтот за стратегија и развој, Пендаровски рече дека Македонија има алтернативи на евроатлантските интеграции, но оти сите тие алтернативи се полоши отколку членство во ЕУ и во НАТО.
„Ако сега не успееме успешно да ги поминеме овие три фази, значи комплетно да го верификуваме овој договор, и со народна волја, и со политичка волја во парламентот, тогаш алтернативата ќе биде повторно во некое идно време да продолжиме да преговараме, бидејќи стратешките цели се тие, ЕУ и НАТО, за нас нема добра алтернатива, но по мое мислење, тоа ќе биде задача на некоја идна генерација македонски политичари, не на оваа која сега се обидува да го реши спорот“, вели Пендаровски.
Според него, Договорот со Грција е најдоброто што можело да се постигне во овој политички контекст. Пендаровски нагласува дека каков и да е ставот на граѓаните на референдумот, одлуката што ќе ја донесат граѓаните ќе биде задолжителна и за тоа нема дискусија.
Пендаровски додава дека руското присуство на Балканот, не само во Македонија, е видливо и засилено во последните години, што е легитимно, но Македонија треба да го следи својот стратешки интерес.
„Нашето влегување во НАТО и во ЕУ нема никаква зла намера кон Русија, кон Кина кон кој било друг кој не е во тие организации. Значи, ние не бараме да влеземе во НАТО за да бидеме закана за Русија, тоа нема никаква врска едно со друго. Ние влегуваме во НАТО заради други бенефити за кои можеме да разговараме и за да влеземе конечно под тој чадор на сè уште најголемата воено-политичка организација која може да ни помогне дефинитивно да го стабилизираме ова парче земја и никој повеќе да не го поставува прашањето дали ќе ја биде оваа земја или што ќе се случи на пролет или другата година“, вели Пендаровски.
Тој посочува дека НАТО е најсилниот кохезивен фактор во македонското општество, затоа што најголем дел од граѓаните, и Македонци, и Албанци се за членство, што не е случај со други земји аспиранти, како Босна и Херцеговина, Украина или Грузија, каде што тоа прашање создава поделби.
Со членството во НАТО конечно ќе биде затворено прашањето дали ќе ја биде Македонија, вели Пендаровски, посочувајќи ги безбедносните придобивки кои ќе ги има земјава од членство – како справувањето со новите закани, сајбер безбедноста, но и во борбата против тероризмот. Безбедноста пак, значи и повеќе инвестиции, вели тој.
Тој посочи дека во изминатите година и половина во Македонија се спречени два терористички напада поради разузнавачки податоци од западот, и оти еден терористички напад во западна Европа е спречен поради информации што ги добиле македонските разузнавачки служби.