Пратениците утре на пленарна седница ќе гласаат за Закон за ратификација на договорот за решавање на спорот за името со Грција. Седницата закажана за во 11 часот е официјално објавена на интернет страницата на парламентарниот дом.
Попладнево и комисијата за европски прашања, која е матична комисија за законот поради европското знаменце, го усвои законот.. Министерот за надворешни работи Никола Димитров еден час зборуваше за процесот за решавање на спорот со името образложувајќи го постигнатиот договор со Грција член по член.
Во однос на референдумот, рече дека нема посвета должност од тоа власта да создаде шанса граѓаните да одлучат за тоа кое ќе биде името на државата.
“Не е спогодбата таа што го менува уставот. Ако ја имаме нивната поддршка ќе работиме на двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени, почитувајќи ги нашите процедури, рече шефот на дипломатијата” рече Димитров.
На седницата на Комисијата присуствуваше и вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, амбасадорот на Холандија, други претставници на дипломатскиот кор.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претпладнево пратениците на пленарна седница изгласаа дека има потреба од донесување на тој закон и дека тој треба да се донесе по скратена постапка. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала, а од партијата најавија и дека ја напуштаат работата на Собранието. Министерот за надворешни работи Димитров како претставник на владата во образложението пред пратениците ги спомена обврските Грција да ги деблокира евроатлантските процеси
“Јунскиот европски совет е пред нас. Министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата заседаваат на 25 и 26 јуни додека самитот на европскиот совет е на 28 јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата. За да ги испорачаме овие резултати од кои зависат одлуките на претстојниот јунски европски совет предлагам собранието да одлучи овој предлог закон да се донесе по скратена постапка” рече министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Неговото обраќање беше проследено со извици од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои му довикуваа предавник, а потоа и удираа по масите.
Нивниот координатор Драган Данев рече дека се работи за неуставен договор, се навлегува во менување на идентитетот и се прави непоправлива штета за сите граѓани.
“Овој договор претставува современ геноцид на нашата правна држава” рече Данев.
Поранешниот министер за надворешни работи, сега пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски исто така го критикуваше договорот, оспорувајќи го европското знаменце на законот, а обвини и за кршење на процедурите.
“Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери заради ваквото однесување, прекршување на принципи, закони, деловник, Устав и самиот интегритет на Собранието ќе ја напушти работата на Собранието” рече Милошоски.
Тој наведе и дека за тоа дали ќе ја бојкотираат работата на Собранието само за оваа седница или и за останатите ќе одлучеле органите на партијата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Додека траеше седницата на Собранието граѓаните кои протестираа пред него запалија примерок од договорот за името со Грција. Потоа насобраните се упатија кон Канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов да му изразат поддршка, а отидоа и пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ со барање до партијата да им се придружи. Потоа повторно се вратија пред зградата на законодавниот дом.