Псарaдес: Првпат во јануари во швајцарски Давос се сретнаа без вратоврски. Сега во грчка Преспа македонскиот премиер Зоран Заев му ја подари својата на колегата Алексис Ципрас. Договорот за името интензивно преговаран шест месеци го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. Договореното - Република Северна Македонија за севкупна употреба со зачуван македонски јазик и националност, според Ципрас и Заев е историски.
„Со потпишувањето на конечниот Договор за решавањето на прашањето за името и за стратешко партнерство меѓу нашите две земји - поместивме планини. Тогаш кога многумина се сомневаа, ние потврдивме дека е возможно. Денес ставаме крај на еден спор “ рече Заев.
„Напорно и неуморно стигнавме до заемно прифатлив договор, кој целосно ги почитува основните принципи и вредности на двете страни, договор кој денес ни дозволува да им се обратиме на граѓаните на двете земји, да ги погледнеме во очи и да ги повикаме да го прочитаат и да го поддржат без предрасуди. Ако душата на секој народ е неговата историја, тогаш во нашиот договор се отсликани душите и на двата народи“, истакна грчкиот премиер “ рече Ципрас и додаде:
„Една таква нова песна започнуваме да пишуваме овде во Преспа. Нашата цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на нашиот јазик и на вашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“.
На претпладневното потпишување на дваесетте страници македонската владина делегација пристигна со брод од македонската страна на Преспанското езеро. На малото пристаниште ги пречека Ципрас со своите колеги. Кратко пред пристигнувањето на Заев и Димитров, со министрите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Оливер Спасовски, во преспанското село пристигнаа и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, високата претставничка на Европската унија за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини, Розмари Ди Карло како претставничка на Обединетите нации и посредникот во спорот Метју Нимиц кој децении работеше на решавање на проблемот. Причина за прослава беше и неговиот 79 роденден, па организаторите го пречекаа со торта.
„На моето семејство му реков дека денеска не сакам подароци за овој роденден оти двајца премиери денеска ќе ми го дадат најголемиот подарок, рече “ Нимиц
И додека насобраните покрај езерото прославуваа, малубројното население во рибарското селце кое на македонски се вика Нивици беше единствениот сведок на овој момент. Во селото денеска се чини не можеше да влезе никој непоканет, а безбедносните служби вршеа сериозни безбедносни проверки.
И по потпишувањето протестите продолжија. Автобусот во кој се превезуваа поголемиот дел македонски новинарски екипи патуваше околу двесте километри повеќе. Грчката полиција поради безбедносни причини неколкупати го пренасочуваше автобусот.
Отешево: Во меѓувреме Заев и Ципрас веќе беа упатени на нивната следна дестинација. Со глисери, полициско обезбедување како и хеликоптер кој будно го следеше нивното движење, двајцата лидери придружени од делегациите од двете земји и меѓународните гости пристигнаа во Отешево.
Заев како домаќин го предводеше Ципрас на вториот дел од церемонијата на македонскиот брег од Преспанското езеро. Додека пристигнуваа останатите покрај знамињата на Грција и Македонија од една страна и ЕУ и Обединетите Нации од друга страна двајцата лидери имаа кус разговор настрана, а новинарските екипи средбата можеа да ја следат од далечина. При сликањето на заедничката фотографија најрасположен за коментар беше шефот на грчката дипломатија кој директно му се обрати на македонскиот премиер дека сега се семејство.
„Зоран ние сега сме семејство“, му рече Коѕијас.
Заев пак додека разговараше со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини можеше да се чуе како и вели дека договорот е победа за сите.
„Ова е победа за сите“, порача Заев.
На новинарско прашање по фотографирањето за тоа како Ципрас сега се чувствува во земјата по новото име Северна Македонија кратко одговори дека се наоѓа во прекрасно место.
Медијаторот на ОН, Метју Нимиц кој има најдолг стаж во обидите за решавање на спорот истакна дека после толку години се чувствува добро, особено што му е и роденден.
Могерини по групната фотографија порача дека ова е историски ден за двете земји, но и за Европската унија и за Балканот.
„Многумина беа скептични за договорот, а двајцата премиери и министри за надворешни работи беа истрајни за да го постигнат. Двете страни не направија горди, нас, европејците со вин-вин решение. Се надевам дека ова ќе биде инспирација за многумина во регионот да преземат храбри чекори, како и за цела Европа. Овој договор им покажа на Европа и светот дека секој проблем може да се реши со дијалог и лидерство“, изјави Могерини.
Еврокомесарот Јоханс Хан потенцираше дека било потребно многу време и многу пат за да се стигне до позицијата денес.
„Мора да се преземат наредните чекори затоа што ова е крај на едно патување, но истовремено почеток на друго. Се води кон европската интеграција“, изјави Хан.
Потпишувањето на договорот беше крунисано со заеднички ручек кој беше затворен за јавноста.
Но, Заев и Ципрас сега ги чека подолг политички пат. Договорот треба да помине неделава во македонското собрание, па да се деблокираат македонските евроатлански интеграции, наесен да се одржи референдум, да се извршат уставните измени, па и Ципрас во грчкото собрание да ја ратификува спогодбата. На тој пат веројатно ќе се соочат и со препреки.