Тимјаник - Неинформираност или нетолерантност?

Архива: Министерката за труд исоцијална политика Мила Царовска.

Зошто жителите на село Тимјаник се противат на најавите за отворање на дом за деца со попреченост. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовкска вели дека станува збор за предрасуди, а во општина Неготино сметаат дека има недоволна информираност кај населението.

За отворањето на малиот групен дом за деца со попреченост во неготинското село Тимјаник, навремено се информирани сите засегнати страни, со кои во изминатиот период беа остварени повеќе средби, како со претставници на општините Неготино и Демир Капија, вели за РСЕ министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Коментарите доаѓаат по протестите на жителите на селото кои се противат на ваквата одлука, наведувајќи дека тоа претставува закана за иднината на нивните деца.

Како што наведуваат, групниот дом за деца со попреченост треба да се отвори во просториите на старата амбуланта во центарот на село Тимјаник, каде ќе бидат префрлени деца од Специјалниот завод од Демир Капија.

Царовска денеска на средбата со жителите кои протестираа, одговараше на нивните прашања. Тие бараа во објектот да биде изградена градинка, а не дом за деца со попреченост.

Таа рече дека сака од нив да слушне што е тоа што ги плаши и зошто се собрале на протест.

Дел од жителите рекоа дека Царовска пред почетокот на нејзиниот мандат им ветила градинка, дека немаат каде да се згрижат нивните деца, но и дека не биле инфомирани дека објектот е предвиден за дом за деца со попреченост.

Царовска објасни дека на тоа место не е можно да бидат исполнети услови и стандарди за фунционирање на градинка.

„Ова постои веќе 11 месеци и ова постојано го зборувам. Сите објекти кои ги посочувам како можни мали групни домови, во овој момент се во сопственост на Министерството за труд. (...) Како е стигнато овој објект да размислувате да биде градинка, јас искрено не можам да ви кажам, бидејќи до мене не сте се обратиле“, рече Царовска додавајќи.

„Можам да ви ветам дека ќе направам се да добиете градинка во Тимјаник“, рече Царовска пред групата вознемирени жители на селото.

Таа истакна дека досега од општината не добила проектна документација за иградба или реконструкција за градина во Тимјаник и оти кога тоа ќе се случи, лично ќе се заложи за изградба на градинка во Тимјаник.

Жителите се жалеа дека не биле навремено информирани пред да бидат започнати градежните работи во објектот, а некои извикуваа дека нема да дозволат отворање на дом за деца со попрченост.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протест во село Тимјаник

Царовска претходно изрази разочараност за најавениот протест против отворање на домот, велејќи дека станува збор за дом каде ќе бидат сместени неколку деца, кои ниту на еден начин нема да претставуваат закана за локалните жители.

„Овие деца, кои за жал повеќето се неподвижни, се преместуваат како би имале похумани услови за живот и семејна атмосфера. Жално е што се уште постојат толку предрасуди, но токму против ваквите размислувања силно се бориме“, вели Царовска.

Но, секретарот на Општина Неготино Ивица Златковиќ смета дека сепак институциите претходно требало повеќе да ги информираат жителите на с. Тимјаник. Според него, требало да се направи состанок со месното население, на кој ќе им бидат објаснети сите детали.

„Воглавно станува збор за неинформираност, бидејќи овие деца се селат од домот во Демир Капија, но тие не се опасни по околината, дел од децата се неподвижни и под 24-часовен надзор“, вели Златковиќ.

Тој вели дека негодувањата се поради тоа што домот ќе биде во близина на училиште, но посочува дека има и други такви примери во Неготино, каде до градинка е сместен домот „Порака“ во кој исто така се сместени лица со попреченост.

„Ова е новина за жителите на село Тимјаник, затоа денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе им објасни на граѓаните за што станува збор, бидејќи тие се малку затечени од ситуацијата, но верувам дека овие лица не се опасни по околината и дека ќе бидат сместени и со тоа жителите нема што да загубат од целата ситуација“, вели Златковиќ.

Царовска пак, денеска со претставници на Делегацијата на ЕУ и со претставници на УНИЦЕФ и УНДП го посетува веќе отворениот нов групен дом во Неготино, каде ќе бидат смесетени три деца со интелектуална попреченост, кои досега биле згрижени во Специјалниот завод Демир Капија.

Од Министерството за труд и социјална политика наведуваат дека со овој чин „повторно се интензивира процесот на деинституционализација“ што вклучува развој на социјални услуги во заедницата и со тои во иднина грижата за децата и лицата со попреченост ќе биде достапна онаму каде што живеат, а не во „големи, безлични и сегрегирачки институции.“

Инаку, според повеќе истражувања и анализи во изминативе години, децата и лицата со попреченост се соочуваат со бројни проблеми, пред се во руралните средини, каде недостасуваат општински иницијативи, програми или политики за вклученост.