Сакамото, Глас, Сан Ра, Пери, Кобејн на „Скопје синема сити 2018“

Петнаесет филмови од најразлични продукции ќе бидат прикажани на четвртиот Фестивал за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, што од 6 до 10 јуни ќе се одржи во Кинотека на Македонија. Официјалната програма ќе биде отворена со прикажувањето на „Кода“ на Стивен Номура Шибле, филмот посветен на култниот јапонски композитор и пијанист Руичи Сакамото, а во пресрет на овој чин ќе биде отворена фотоизложбата „Македонска џез-тетика“ на Татјана Ранташа и ќе настапи ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ КВИНТЕТ.

Урбано Скопје од 6 до 10 јуни, по четврти пат, ќе живее со подвижните слики и ќе пулсира во ритамот на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“. Манифестацијата овојпат ќе понуди 15 филмови од најразлични продукции чија цел е „да се прикаже ширината и богатството на музиката и светот којшто таа го инспирира или којшто е инспириран од неа“.

А, по оддавањето чест на творци како Дејвид Боуви, Леонард Коен и КРАФТВЕРК, овојпат во фокусот на „Скопје синема сити“ ќе биде уште една неодминлива фигура на современата светска културна сцена - Јапонецот Руичи Сакамото.

Станува збор за сестран уметник, пејач, композитор, пијанист, активист, книжевник, актер и танчер кој сите овие години делува на релација Токио - Њујорк.

Кариерата ја почнал уште како студент на почетокот на 1970-те како студиски музичар, продуцент и аранжер, за да првиот позначителен интернационален успех го забележи на крајот на деценијата кога со Харуоми Хосоно и Јукихиро Такаши го формираат ЈЕЛОУ МЕЏИК ОРКЕСТРА, бендот што ќе одигра пионерска улога во развојот на електро-поп музиката и потем нејзините деривати.

Бележити се неговите соработки со имиња како Дејвид Боуви, Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Јусу Н-дур, Мадона, Хектор Зазу и други. Автор е на музиката со која беа отворени Олимписките игри во Барселона 1992 година, а особено е ценето неговото творештво присутно во филмските хитови како „Среќен Божиќ, г-не Лоренс“, серијата филмови во соработка со реномираниот режисер Бернардо Бертолучи - „Последниот кинески цар“, „Чај во Сахара“, „Малиот Буда“ дузина други.

И она најбитното, токму со филмот „Кода“ што Стивен Номура Шибле му го посвети на Сакамото официјално ќе започне и годинешното издание на „Скопје синема сити“. Филмот премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција во 2017, а потем следуваше и проекцијата на Берлинале во февруари оваа година.

И, кога веќе ја превртуваме актуелната програма не смееме да заборавиме и тоа дека не помал интерес ќе предизвика и прикажувањето на уште два филма кои се врзани со уште еден класик – Филип Глас. На вториот ден од фестивалот публиката ќе има можност да ги види „Филип Глас: Гледајќи го Глас“ и култниот уметнички филм „Којанискатси“.

На љубителите на џезот, пак, како мелем на рана ќе им дојдат делата директно врзани со познатата продуцентска куќа Блу ноут рикордс и тоа „Блу ноут рикордс: Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“ и „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“.

Несомнено карта повеќе ќе се бара за документарецот кој ќе не одведе до кубанскиот феномен „Буена виста сосиал клуб, Збогум“, тука е и филмската сторија за волшебникот и еден од најзначајните реге продуценти на денешнината Ли Скреч Пери – филмот именуван како „Визија за рајот“, „Лунарна орбита“ - делото во кое се посега по кариерата на Д ОРБ, еден од најзначајните претставници на современата електронска сцена. Покрај овие дела ќе бидат прикажани и кратките посвети на Драган Ѓаконовски Шпато и Зоран Маџиров, како и два филма од македонскиот режисер Јoрдан Дуков во кој се говори за ЉУБОЈНА и КОНКВЕРИНГ ЛАЈОН, а се дел од докубенд серијалот на телевизија Телма.

Конечно завесата на официјалната програма на „Скопје синема сити 2018“ во Кинотека на Македонија ќе биде спуштена со уште две несекојдневни и поучни остварувања: „Студиото Ханса - крај ѕидот 1976-90“ и „Кобејн: Монтажа на еден пекол“, филмот за последниот рокенрол отпадник и движечка сила на групата НИРВАНА.

Инаку, организаторите на овој Фестивал се погрижија понудата да ја збогатат со уште два настана кои несомнено ќе бидат повеќе од убав вовед во главните случувања. Имено, во среда, на 6 јуни, во 19 часот, најнапред ќе биде отворена фотоизложбата „Македонска џез-тетика“ на Татјана Ранташа, а потем свој настап ќе има и ГОЦЕ СТЕФКОВСКИ КВИНТЕТ.

Татјана Ранташа е уметница која деценија и половина се бави со сценска фотографија. Низ годиниве наназад соработувала со продукции и фестивали како Авалон, Пасворд, МКЦ-концерти, МОТ, Десонанц, а во последно време најчесто е ангажирана за снимање на ОФФЕСТ и Скопски џез фестивал.

Влатко Стефановски. Фото: Татјана Ранташа

„Македонска џез-тетика“ е всушност избор од фотографии од различни генерации на македонски музичари како Влатко Стефановски, Кокан Димушевски, Тони Китановски, Џијан Емин, Владан Дробицки и многу други.

„Скопје синема сити“ си има свое место во она наше културно милје. Колкаво е и какво е сеуште неможам детално да го проценам, меѓутоа ние од година во година си ја градиме својата публика и односот кон неа со тоа што нудиме интересни, свежи и секогаш добри содржини, вели Ненад Георгиевски, идејниот творец и првиот човек на манифестацијата.

Конечно, годинава Фестивалот е организиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм, а одделни компоненти се потпомогнати и од Министерството за култура на Република Македонија.