Достапни линкови

„Поп арт“ на КРАФТВЕРК - звучен амбиент на третиот „Скопје синема сити“


Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе биде отворен со документарецот Поп арт за пионерите на електронската музика КРАФТВЕРК
Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе биде отворен со документарецот Поп арт за пионерите на електронската музика КРАФТВЕРК

Со „Поп арт“ на пионерите на електронската музика КРАФТВЕРК, в четврток, на 15 јуни, во 20 часот, во Кинотека на Македонија, ќе започне третото издание на Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“ што го организира граѓанското здружение „Номад – Арт“. Во петте вечери ќе бидат прикажани дваесеттина видео стории за некои од клучните фигури од историјата на класичната, џез, рок и современата музика како Моцарт, Ела Фицџералд, Мајлс Дејвис, Лу Рид, Дејвид Боуви, Жан Мишел Жар и други.

На нецела недела по исклучително успешниот „Здраво млади“, на урбано Скопје ќе му се случи уште еден фестивал во чија основа е премисата за промовирање на сосема поинаков, слободомислен поглед на животот и општествената реалност што ја живееме. Од 15 до 19 јуни, во Кинотека на Македонија, во организација на граѓанското здружение „Номад – Арт“, ќе се одржи третото издание на Фестивалот на музички документарни филмови „Скопје синема сити“, манифестацијата која, полека но сигурно, си избори засебно место во целокупната летна понуда на градот за кој милуваме да кажеме дека би сакале наново да стане „пристојно место за живеење“.

И, во едни такви услови на битисање, каде речиси и да се затворени сите „излези“ за потпомагање, спонзорирање, та дури и „разбирање“ на она што не е демек „популарно“, благодарение главно на интересот на публиката, „Скопје синема сити“, со промислениот избор на музички документарци и со несмалениот ентузијазам го продолжува своето засебно патешествие.

По посветите на рок-класиците Леонард Коен и Дејвид Боуви со чии филмови и изложби беа бележани досегашните почетоци на Фестивалот, воведот во случувањата на годинашната документаристичка звучна приказна ќе биде сторен со „Поп арт“, филмот на Ханс Росашер и Симон Витер, посветен на пионерите на електронската музика – германскиот квартет КРАФТВЕРК. И, што е уште позначајно, наспроти историчноста која сама по себе е исклучително битна, делото ќе го видиме токму во моментот кога бендот во глобални рамки вниманието врз себе по којзнае кој пат го сврти со ново компилациско остварување – носачите на звук и слика собрани под едно име „3-D The Catalogue Box Set“ и условно – серијата перформанси што следи.

И ако ова е планирано да биде аудио-визуелниот амбиент под кој ќе се одвива „Скопје синема сити 2017“, тогаш е сосема нормално што истата вечер ќе биде заокружена со „Патешествие низ електронската музика“, документарецот за легендарниот француски артист Жан Мишел Жар кому имавме можност да му се поклониме на преубавиот перформанс за сите сетила одржан во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Од програмата на Фестивалот посебно за издвојување е и филмот „1959 – Годината која го промени џезот“ на режисерот Пол Бернајс. Станува збор за сторија која е фокусирана на едногодишниот период во којшто се случувале огромни промени не само во општествениот живот во САД туку и во музиката, особено во џезот. И, кога сме веќе тука, чисто како минорно појаснување, тогаш е објавен „Kind Of Blue“ на Мајлс Дејвис, според некои податоци најпродаваниот џез албум на сите времиња, но и исклучително влијателни остварувања како „The Shape of Jazz to Come“ на Орнет Колман, „Ah – Um“ на Чарли Мингас, „Time Out“ на Дејв Брубек, дела коишто ја одвеле најслободарската музичка мисла до формата што денес ја познаваме.

Во филмот за ерата на промени и за избликот на силни креативни моменти говорат не само великаните туку и нивните тогашни собеседници како Чарли Хејден, Херби Хенкон, реномираните новинари Хет Хентоф, Гери Гидинс и Стенли Крауч...

И, кога сме во ова опкружување, не смее да се заборави дека тука е и врелиот „Девојката од Ипанема: Бразил, боса-нова и плажа“, потем кратките „Ејми Вајнхаус: Со свои зборови“, „Буика симфони“, „Малечкото пијано“, па „Кралиците на џезот: Радоста и болката на џез-дивите“ во којшто се говори за ненадминатите Били Холидеј, Нина Симон, Пеги Ли, Сара Вон за да кулминацијата се случи со сторијата за големата Ела Фицџералд - насловена како „Причина за живеење“.

Не помал интерес се очекува и за вечерта во која е планирано да бидат емитуван серијалот филмови кои на засебен начин слегуваат до океанот од класични звуци. А, во него едно подруго ќе бидат прикажани „Задоволството наречено Моцарт“, „Современиот композитор одбива да умре“ во кој е разработена симфоничноста на авангардната музика на месијата Френк Запа и ексклузивната проекција на перформансот на диџејот Дерек Меј, Франческо Тристано и оркестарот ЛАМУРУ и македонскиот диригент, композитор и аранжер Џијан Емин документиран во Франција.

Големото финале, пак, е предвидено да им припадне на „старите“ познаници - фотографот Мик Рок и непрежалените Лу Рид и Дејвид Боуви. Публиката со нагласена љубопитност ќе ги проследи „Во спомен на Лу Рид“, документарецот во кој ќе се изредат бројни негови современици кои говорат за ликот и делото на урбаниот поет чии стихови и музика и натаму се „саундтрак на Њујорк“ - од почетоците со ВЕЛВЕТ АНДЕГРАУНД до последните соло објави, а потем ќе следува и потретот за Боуви, што базиран на неговите интервјуа и перформанси во студиото во разни периоди од кариерата, онака како што тој несомнено заслужува, го стокми концернот Би-Би-Си.

„Многу е тешко да се прават вакви фестивали како „Скопје синема сити“ во една средина каква што е нашава каде уште во самиот почеток е пресечена во корен или запрена секоја слободна мисла или нова креација. Тешко одат работите, иако нам една од целите ни е едукација на публиката преку медиум каков што е филмот, посебно документарниот, кој раскажува навистина интересни животни стории за ликовите коишто оставиле неизбришлива трага во современото музичко – уметничко творештво“, вели Ненад Георгиевски од здружението „Номад – Арт“, организаторите на Фестивалот.

Тој дополнува дека овој пат, токму поради недостатокот на финансиски средства, во основа ќе останат кај проекциите на филмови, иако изворната намера нималку не им била таква. Ова подразбира дека во случајов нема да има изложба на музичка фотографија нити концертни настапи на кои ја навикнаа публиката во изминативе две години, но дека не губат надеж за подобри денови за „Скопје синема сити“ во периодот што следува.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG