Македонците во огромен процент, односно 60 отсто, умираат од кардиоваскуларни болести. Ова е последица на лошата исхрана и на слабата физичка активност. Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје е наведено дека во 2016 година, во споредба со 2010 година, телесната тежина кај машките деца е зголемена за 1,5 процент, а кај девојчињата за 1,4 отсто. Процентот за прекумерна телесна тежина кај момчињата е зголемен за 1 процент, а кај девојчињата за 2 проценти. Дополнително, зголемен процент на поголема телесна тежина и прекумерна телесна тежина е забележана и кај мажите и жените над 18 години.
Докторот за јавно здравје, Игор Спироски, кој е и национален соработник на Министерството за здравство со Светската здравствена организација во категоријата за незаразни болести, посочи дека треба да се работи на свесноста за причините за прекумерна телесна тежина. Покрај тоа, да се посвети и внимание на каква околина се создава.
„Ако ги исклучиме причините на органски заболувања коишто генетски се пренесуваат, имуни заболувања кои придонесуваат до појава на зголемена телесна тежина и дебелина, тогаш се два главни фактори - едното е индивидуалното однесување, поголем внес на калории од трошење на калории и второто за мене поважно како јавно здравствен работник е околината во којашто живееме, којашто промовира прекумерна тежина. Значи обезогена околина. И тоа може да го аргументираме со различни причини - од тоа колку се достапни храните коишто промовираат дебелина, колку тие стануваат поевтини на сметка на оние коишто промовираат здрави храни, маркетингот на тој тип на храна, недостигот на регулација во определени околини, поврзаноста со зголемената телесна тежина и дебелината, неможноста за практикување на континуирана физичка активност којашто придонесува до намалувањето, значи околината на нашите градови, урбаниот стил на живеење “, изјави д-р Спироски.
Рецептот за покачување на телесната тежина е комбинирање на лошата исхрана со секојдневна физичка неактивност, истакнува Александар Митов, доктор по јавно здравје. И тој смета дека многу влијае лесната достапност на брзата храна полна со калории.
„Податоците за зголемената телесна тежина нема да звучат научно фантастично. Причините ги знаеме сите и нема некоја поголема потреба од дополнително проучувања и објаснување. Како што ги знаеме причините, така ги знаеме и начините да се справиме со зголемената телесна тежина, најважното е да направиме лична одлука дека сакаме да ја смениме таа состојба - 150 минути физичка активност, макар и пешачење, ништо повеќе, 150 минути на недела се одличен почеток за да се справиме со зголемената телесна тежина“, потенцира д-р Митов.
Дебелината главен фактор за многу болести
Доктор Спироски посочува дека има особена загриженост за детската прекумерна тежина. Детска прекумерна тежина потоа преминува во возрасни со прекумерна телесна тежина, потенцира тој и истакнува дека првите најголемите хронични и незаразни заболувања се директно поврзани со исхраната и прекумерната тежина. Конкретно, телесната тежина е причина за заболување од дијабет, карцином, мозочни удари и кардиоваскуларни болести.
„Зголемената телесна тежина и дебелина има своја улога во појавата на малигни заболувања, карциноми, луѓето со зголемена телесна тежина и дебелина се под поголем ризик и од мозочни удари, покрај кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести. И луѓето со зголемена тежина и дебелина апсолутно се под зголемен ризик од појава на дијабет. Така што четирите или трите најголеми хронични и незаразни болести се во директна врска со исхраната и со појавата на зголемена телесна тежина кај луѓето“, изјави д-р Спироски.
Од друга страна, доктор Митов вели дека треба да сме загрижени од процентот на заболувања од телесната тежина. Воедно, според него, телесната тежина не треба да биде естетски или козметички проблем.
„Сериозен здравствен проблем е тоа што кај нас кардиоваскуларните болести и смртноста од нив е на извонредно високо ниво. Видете, ние имаме 60 отсто смртност, според официјалните податоци од Институтот за јавно здравје, од кардиоваскуларни болести. За сметка на тоа во Франција на пример, отприлика до 25 отсто се движи смртноста од кардиоваскуларните болести. Во многу европски земји, малигните болести, смртноста од нив го има земено првото место за сметка на кардиоваскуларните болести. Ние сме многу далеку од тоа, тоа укажува на фактот дека начинот на живот, животниот стил кај нас е многу лош и придонесува да се развиваат кардиоваскуларните болести. Основното нешто со коешто се соочуваме за да постигнеме ефект, пред сè е свесноста. Ние најнапред треба да бидеме свесни дека не е сеедно дали имаме 5, 10, 15 или 20 килограми повеќе и дека во моментот можеби супер се чувствуваме, немаме никаков проблем, но за неколку години проблемот и тоа како ќе дојде, со сигурност ќе дојде. Значи првиот чекор би бил зголемување на свесноста и на лично ниво и на ниво на држава. Потоа следуваат стратегии коишто на многу лесен начин може да помогнат, но ако човек не е свесен дека треба нешто да направи, џабе е сè“, вели д-р Митов.
Македонците внесуваат масти над препорачаното ниво, не консумираат доволно диетски влакна и микронутриенти како витаминот Д, заклучува доктор Спироски, во својот труд за навиките на исхрана. Од друга страна, забележана е нездрава консумација на сол.
Имено, нездравата исхрана кај децата ги загрижува здравствени лица, но и родителите. Во минатото тие бараа да се преземе нешто за храната во училиштата. Доктор Спироски истакнува дека нема едноставни решенија, но дека се преземаат мерки.
„Има една голема промена, а тоа е што пред неколку дена имаме правилник којшто и претходно постоеше. Новоста е што е малку поконкретен и е со упатство за тоа како да се подготвуваат оброците во училиштата, како и со пример, односно алатка којашто ќе им помогне на оние коишто ги подготвуваат оброците. Видете, тоа не е едноставно, нема едноставни решенија, особено затоа што кујните во училиштата ги држат надворешни фирми, кетеринг фирми и тие готват по кујните или од надвор им носат храна на децата. Меѓутоа еве правиме напори и со нормативи и со едукација на кетеринг компаниите да им помогнеме тие да подготвуваат што поздрави оброци. Но, тоа е зависно од една друга работа, а тоа е тендерирањето и како се набавува храната. Сè додека единствен услов ни е најевтината понуда, ние нема да можеме да очекуваме позитивни промени. Доколку дополнителен услов е нутритивниот профил на храната којашто се набавува, тогаш има шанси, инаку нема да можеме да успееме во ова доколку набавуваме храна којашто има најниска цена. И под број два, пак ќе речам, од јавно здравствен аспект, околината во којашто живеат децата, дури и во училиштата, треба да се промени. Доколку тие, секаде во нивната околина имаат лесна достапност до храна којашто промовира зголемена телесна тежина, тогаш исто не можеме да очекуваме нешто значајно да се промени во таа насока“, вели д-р Спироски.
Секое лето докторите апелираат да се внимава што се консумира поради можните реакции на храната од топлото време. На прагот од летната сезона, доктор Спироски издвои дел од препораките за како здраво да се храниме во лето.
„Летно време во Македонија сè уште е релативно лесно да се јаде здраво. Секако дека калорискиот внес во лето треба да биде помал, секако нормално да ги задоволи нашите потреби, меѓутоа изворите од коишто ќе ги задоволиме можат да бидат многу поразновидни затоа што имаме многу поголеми избори на овошје и на зеленчук, на жита, кога јадеме жита и производи од жита да гледаме да бидат интегрални, затоа што внесот на интегрални жита, пред два дена излезе еден извештај којшто покажува дека го намалува ризикот од колоректарен карцином. Да избегнуваме во лето особено месни преработки, апсолутно чајни, салами, шунки, сè што е месна преработка треба да се избегнува секогаш, особено во лето и исхраната да ја базираме на растителна храна“, советува д-р Спироски.
Имено, Институтот за јавно здравје, лани во октомври, на Светскиот ден за борба против дебелината, испрати апел до јавните институции. Тие го насочија вниманието кон зголемување на инвестициите од владите, професионалците од јавното здравје и давателите на здравствени услуги за справување со дебелината. Тоа значи, повикаа поголеми и повеќе инвестиции во превенцијата, раното препознавање и лекувањето на последиците од дебелината.
Помеѓу мерките за превенции кои ги предложија се лесна достапност до здрава храна и локална инфраструктура за активен транспорт и физичка активност. Дополнително, предложија групни и индивидуални услуги за луѓето со проблеми со тежината, здравствен персонал обучен за консултации и бесплатни консултации за дебелина во примарна здравствена заштита.
Доктор Спироски, пак, во својот труд за исхрана и јавното здравје, наведува дека во активностите за создавање околина со здрава храна и пијалоци треба да се мерки против маркетинг на храна богата со заситени масти, шеќер и сол. Покрај ова, тој препорачува и користење на економски алатки, односно даноци.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Со данок, против дебелење
Во Британија неодамна стапи во сила данок на засладени пијалаци како дел од политиката против дебелината, бидејќи, според експертите, со данокот за шеќер веќе биле постигнати извесни резултати.
Гоце Атанасов
Данокот е воведен во владината кампања за намалување на дебелината и на дијабетесот, кој многу ги погоди Британците.
„Бидејќи шеќерот во засладените пијалоци е главен извор на нашата енергија, тие се еден вид непотребни калории. Не треба да ги имате тие калории и не ви даваат никакво чувство на заситеност. Така, тие имаат тенденција да предизвикаат дебелина и дијабетис од типот два“, вели Греам Мекгрегор, професор по кардиоваскуларна медицина на Волфсон Институтот за превентивна медицина.
Се очекува данокот на шеќер ефективно да го промени статусот кво на со шеќер засладени пијалоци кои го нарушуваат здравјето на луѓето.
„Ние откривме во сите наши истражувања дека дури и малите даноци, да кажеме данок од 10 проценти, ќе имаат ефект врз шеќерните пијалаци со намалување од 10 проценти. Значи само од ценовните ефекти би очекувале потрошувачката на тие видови да падне за 20 до 30 отсто“, вели Мајк Рејнер, професор по здравје на населението на Оксфордскиот универзитет.
Данокот за шеќер се состои од две стапки: пониска, од 18 пени на литар за пијалаци кои содржат повеќе од пет грама шеќер на 100 милилитри и повисока, од 24 пени за литар на пијалаци кои содржат повеќе од осум грама шеќер на 100 милилитри. Пред воведувањето на овој данок, британската влада им даде на производителите рок од две години да ги преформулираат своите производи.
„Ние сме првата земја во светот која има данок на со шеќер засладени пијалоци, а која овозможува реформулација за да се одбегне данокот. Сите други, како Мексико, Франција и други земји, даноците ги имаат само за да ја зголемат цената и да се потпрат врз зголемувањето на цената за намалување на потрошувачката, додека данокот во Британија е дизајниран за да се намали содржината на шеќерот во пијалаците. Затоа падот на внесувањето шеќер веројатно е пет до 10 пати поголем отколку што би бил со ставање конвенционален данок на цената“, вели Макгрегор и додава дека прилагодувањето и преформулирањето од страна на претпријатијата дало резултати.
„Сметаме дека повеќе од 50 проценти од со шеќер засладени пијалоци се дојдени под прагот од пет грама“, вели тој.
Тоа, според него, се неколку милијарди тони шеќер надвор од исхраната во Британија во изминативе шест месеци. Сепак, постојат некои производители кои велат дека нема да се променат.
„Не сите од нив, на пример Кока Кола рече дека нема да ја реформира кока колата. Во тој случај, тие ќе мора цената да им ја префрлат на потрошувачите. Сепак, тие велат дека ќе ја задржат истата цената, но ќе ја намалат големината на производите“, рече Рејнер.