Од прилепското Здружение на заболени со дијабетес реагираат на одлуката на владата за 10 отсто да се редуцира фондот со којшто се финансира Програмата за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли, ленти за мерење шеќер и едукација за третман и контрола на оваа болест, донесена на 28 минатиот месец. Најголем број од актуелните над 4600 евидентирани дијабетичари од трите општини: Прилеп, Кривогаштани и Долнени сметаат дека фондот треба драстично да се зголеми и да се следат светските трендови во лекување на дијабетесот.
„Јас две години умирав, инсулинот катастрофа. Нека нѐ убедуваат тие како што сакаат, ама се гледаат резултатите кај дијабетичарите, дека многу проблеми имаат луѓето, високи, ниски гликемии. Ако се пребоцнам на пример, на 20 нивото се подигнуваше од хипогликемија, по земја се влечев, не знам како паѓав од кревет, тоа се случуваше и навечер посебно“, вели Мирјана Димовска, претседател на прилепското здружение на дијабетичари.
Преку здружението прилепските дијабетичари многу често со контакти со граѓани од други градови го решаваат проблемот со недостиг од инсулинска терапија.
„Страшна работа, нè правеа дека сме лажговци, дека инсулунот им чини ним, а само нас не ми чини. Кога се разговараше дека има недостиг на инсулин, упорно се разговараше дека има, а има недостаток. Јас не знам кого го лажеа тие фактички, нас или самите себе“, додава Димеска.
Од одделот за лекување дијабетес во прилепската болница забележуваат дека постојано расте бројот на заболени од дијабетес. Најголем број заболени се на таблетарна терапија.
„Има многу граѓани на инсулин, околу 2000 до 2500 граѓани. Со какви инсулини? Сега со препораките од Националната комисија внесуваме најчесто хумани инсулини, коишто се многу поевтини од аналозите. Имаше план да се внесе таблетарна современа терапија, односно ДПП 4 аналози, тие се поставени на листа, но не можеме да ги препишуваме, првиот препис треба да биде од Клиника за ендокринологија“, вели интернистот, д-р Златко Савоски од одделот за лекување дијабетес во прилепската болница.
Според д-р Савоски во никој случај не смее да се намалува фондот за лекување, зашто расте бројот на заболени, но и компликациите што ја следат оваа болест.
„Последнава година до две има навистина многу кетоацидози што е резултат на фантастично покачени вредности на гликемијата. Меѓутоа исто така и хипогликемија, што се должат можеби на несоодветна терапија, можеби на недоволна исхрана, недоволно придржување на советите на лекарот. Со која цел е ова направено не можам да кажам. Требаше да се воведат посовремени терапии. Но, сè уште се тапка во место“, заклучува д-р Савоски.
Според информациите, околу 10 отсто од граѓаните на Македонија имаат дијабетес или на ниво на државата околу 200 илјади граѓани се соочуваат со овој здравствен проблем и имаат потреба од квалитетна терапија.