Достапни линкови

Скоро секое дете со проблематичен раст и развој


Дури 80 проценти од учениците на возраст од 6 до 10 години во тетовско имаат некаков деформитет, како неправилно држење на телото, рамни стапала, прекумерна телесна тежина или оштетен вид.

Најновите систематски прегледи кај учениците од нижите одделенија во тетовско покажуваат алармантни податоци за неповолна здравствена состојба на најмладите. Дури кај 80 проценти од децата ученици на возраст од 6 до 10 години има некакво отстапување од нормалниот физички раст и развој како што се неправилно држење на телото, рамни стапала, прекумерна телесна тежина или оштетен вид.

Порано од сите деца што ние во текот на една школска година сме ги прегледувале значи негде 10-тина проценти биле само со искривувања. односно уште 20 проценти од нив биле со неправилно телесно држење.
Александар Костески, специјалист по училишна медицина.

„Тетовските деца можеме да кажеме дека го следат трендот воопшто во Македонија и можам да кажам во светот. Сè повеќе деца имаме кои се со деформитети. Порано од сите деца што ние во текот на една школска година сме ги прегледувале значи негде 10-тина проценти биле само со искривувања. односно уште 20 проценти од нив биле со неправилно телесно држење. Денеска таа бројка може да се каже дека дури и 80 проценти од децата имаат неправилно телесно држење“, вели доктор Александар Костески, специјалист по училишна медицина во тетовскиот здравствен дом.

Според него, Здружението на лекари по училишна медицина уште пред 10-тина години го предвидело проблемот и барало воведување на повеќе часови по физичко воспитание за учениците по теркот на европските земји каде таков час имаат секојдневно.

„Причините за тоа се слабата физичка активност може да се каже и никаква физичка активност“, вели Костески.

Доколку кај ученикот се утврди неправилно држење на телото треба што поскоро, а најдоцна до втора година средно образование да се започне со корективни вежби за да се превенира појава на траен деформитет. Но наместо да се лечи најдобро е да се спречи. Родителите ја имаат клучната улога, вели докторот.

„Да не им дозволат на децата долго време да седат на таблет, на лап-топ, на компјутер. И самите тие да посветат поголемо внимание на децата. Доволно е да излезат со нив макар на една прошетка. Ако имаат можност истите тие деца да се занимаваат со некој спорт. Како добар спорт можеме да ја посочиме одбојката. За жал не можеме да го кажеме истото за пливањето, бидејќи знаеме дека во Тетово не постои затворен базен каде во текот на целата година би можело да се спроведе. Инаку пливањето е најдобриот спорт кој ги ангажира сите мускули. Помага во правилниот развој на детето“, додава докторот.

Препораките се децата да поминуваат не повеќе од 45 минути на компјутер или таблет и барем 20 минути да вежбаат.

XS
SM
MD
LG