Иванов може да го блокира евентуалниот договор со Грција

Архивска фотографија- обраќање на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска го информираше шефот на државата Ѓорге Иванов за последните детали од преговорите со Грција. Уставните експерти посочуваат дека шефот на државата има правни механизми да го спречи спроведувањето на евентуалниот договор.

Има ли претседателот Ѓорге Иванов уставни и законски ингеренции да го блокира евентуалниот постигнат договор за името меѓу Македонија и Грција- ова прашање се поставува откако шефот на државата соопшти дека за него не е прифатливо решение за името ерга омнес.

Уставните експерти посочуваат дека тој може да не го потпише Указот за ратификација на евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција кој како што најави и премиерот Зоран Заев би се гласал во Собранието со мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Претседателот би можел да постапи слично како и во случајот со Указот за законот за употреба на јазиците, кој одби да го потпише откако Собранието два пати гласаше за него, велат уставните експерти.

“Иако целата ситуацијата упатува на тоа дека не би требало претседателот да не го потпише Указот за евентуалниот договор со Грција, ако за него гласале мнозинството пратеници, тој може тоа да го стори без разлика колку е издржано или оправдано” вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски.

Последен пример на меѓународен договор е Договорот за пријателство добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Него го потпишаа премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов по што беше ратификуван во Собранието. Указот за прогласување на Законот за ратификација на тој договор, откако пратениците го изгласаа, е објавен во Службен весник на 18 јануари, под него стои името и презимето на претседателот Ѓорге Иванов до кое пишува ја пишува кратенката "своерачно". Указот е со датум 15 јануари.

Указ од Претседателот Ѓорге Иванов за прогласувањето на Договорот со Бугарија

Во однос, пак, на други проблематични точки кои би можеле да се јават меѓу претседателот и Владата за евентуалниот договор за името, упатените велат дека во оваа фаза нема многу што да се спори.

Според членот 119 од Уставот меѓународните договори во името на Македонија ги склучува претседателот, а може да ги склучува и Владата кога тоа е определено со закон.

Со законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, донесен во 1998 година доста широки ингеренции и се даваат на владата. Со него се предвидува таа да може да склучува меѓународни договори во многу области освен како што пишува “ за прашања во врска со границата на Република Македонија, стапување во сојузи или заедници со други држави или за истапување од такви сојузи и заедници и други меѓународни договори кои, според меѓународното право, ги склучуваат шефови на држави”.

Уставните експерти посочуваат дека овој член претседателот би можел да го активира дури при приемот на Македонија во НАТО, но земајќи го предвид времето од врачувањето на поканата за членство, до официјалниот прием, тоа би се случило по редовните претседателски избори кои треба да се одржат во април идната година.

Инаку една од првите фази ако дојде до договор за името е ратификацијата во Собранието која би следела откако премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас би го потпишале договорот. Потоа како што рече и премиерот Грција ќе испрати писмо до НАТО за земјава да ја добие поканата за членство, а наесен би се организирал референдум за името. По него, како што објавија медиумите, а Заев ги потврди наводите, ќе бидат потребни уставни измени кои ги бара Грција поради нивната позиција за ерга омнес име. По нив договорот би бил ратификуван и во грчкиот парламент со што Македонија би станала членка на НАТО и би се откочиле преговорите за влегување во Европската унија.