Достапни линкови

Две вистини за писмото на премиерот до Вселенската патријаршија


Од Владата велат дека премиерот Заев не побарал бришење на зборот „Македонска“ пред цркватa. Од Вселенската паријаршија пак ќе преземат се за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија. Во целата работа, аналитичарите гледаат скриена политичка игра со сериозни последици.

Откако во медиумите се појавија две вистини за содржината на писмото кое премиерот Зоран Заев го испратил до вселенскиот патријарх Вартоломеј, од Владата го испратија писмото чија содржина открива дека премиерот Заев бара решавање на долгогодишното црковно прашање, ама не и бришење на зборот „Македонска“ пред црквата,како што објавија медиумите.

„Би сакал да го проследам писмото на нашите Архиереи, преку кои се бара од вашата сесветост да благоволите, согласно со вековните права на Вселенскиот престол, да го решите долгогодишното црковно прашање на нашата земја“, се вели во писмото на премиерот Заев.

Во соопштение до јавноста пак, Вселенската патријаршија наведува дека ќе биде разгледано и ќе се преземе тоа што е потребно за враќање на црквата на Скопје во канонски рамки под името Охридска архиепископија.

„Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија и одлучи да се разгледа и да го стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх“, соопштија од Вселенската Патријаршија.

Потврда за ова стигна и од Кабинетот на премиерот Алексис Ципрас до опозицијата, во соопштение во кое се вели:

„Единствено што постои до овој момент е одлуката на Светиот синод на Вселенската Патријаршија да се спроведе потребното за да се задоволи барањето на премиерот на ПЈРМ за бришење на терминот „Македонија" од името на црквата на нашите северни соседи“.

И портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, Владиката Тимотеј, вели дека се класични шпекулации пишувањата во гласилата.

“Ние испративме писмо за решавање на статусот на МПЦ-ОА. Никој во МПЦ нема да се откаже, ниту барал какво било откажување од уставното име на МПЦ-ОА. Како некоја од грчките цркви нам ќе ни се обраќа е нивна работа, ние сме и Македонска православна црква и Охридска Архиепископија,” вели владиката Тимотеј, за порталот Религија.мк.

Упатените велат дека е недозволиво еден премиер да се меша во црковните прашања, особено поради фактот дека Македонија е секуларна држава. Ако тоа навистина е побарано, како што наведуваат грчката влада и Вселенската патријаршија, Ристовски вели дека би можело да предизвика сериозни последици во прифаќањето на целиот пакет во разговорите за името со Грција.

„Прво, нема право премиерот да го побара тоа. Второ, нема право дури ни Синодот на МПЦ да го дозволи или побара тоа. МПЦ не може да ја шири духовноста во Македонија ако не е македонска. Сите православни цркви го имаат називот на државата во себе, без разлика што има додавка Охридска архиепископија. Не можете вие да поништите Македонска православна црква во име и за сметка на Охридска архиепископија за да остварите повисока цел? Која е повисоката цел? Духовноста на народот или некоја политичка игра?,“ прашува Ристовски

Ваквите скриени намери, не му одговараат никому, а најмалку на македонската влада, заклучува Ристовски. Според него, Владата не смее на ваков начин да авансира бришење на придавката „македонски“ од православната црква, доколку е тоа барање во пакетот преговори со Грција, зашто на тој начин наместо да ги решаваа, таа ги мултиплицира проблемите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG