Промената на Уставот и ерга омнес, односно опсегот на употреба на договорено име е клучното прашање во спорот на кое инсистира грчката страна и без кое не би можело да се постигне решение. На истиот став се и граѓаните и упатените кои сметаат дека без исполнувањето на тој услов нема да се реши проблемот.
Македонската влада во минатото порачуваше дека е доволен меѓународен договор, но попушти во ставовите при последниот предлог Република Илинденска Македонија за кој премиерот Зоран Заев изјави дека е подготвен да прифати ерга омнес, но тоа не би важело и за евентуални други решенија. Севкупна употреба веројатно би значела дека сите официјални документи во земјата би биле издавани со новото договорено име, кое би се користело и во меѓународната комуникација. Граѓаните кои ги анкетиравме се поделени. Едни велат дека условите на Грција не треба да бидат прифатени, а други дека тоа ќе биде неопходно. Најзагрижени се за промена на личните документи.
„Името си е име. Македонија си е Македонија. Тие нема што да бараат. Уставот си е закон. Законот си е закон и не треба да се менува“.
„Не може така да не условуваат. Ова е смешно дури што така не условуваат со се и сешто. Па кој ќе менува документи и зошто да се менува на една држава име и воопшто било што“.
„Нема требало, не требало, туку мора затоа што нема друго решение. Против сум на промена на Устав и на име, меѓутоа ако мора бидејќи друга алтернатива немаме, тоа е тоа“. Очигледно е дека мора оти Грците не попуштаат и се вешти преговарачи“.
„Најверојатно би требало. Тоа си знаат самите власти кои ја водат таа процедура. Ако се промени името би требало и Уставот“.
„Единствен начин и возможно решение е Македонија да прифати Северна Македонија и ерга омнес и да се менуваат документи“.
Поранешниот министер за надворешни работи Денко Малески посочува дека послабата страна плаќа поголема цена. Според него, цената на сегашниот компромис е повисока од минатото поради инсистирањето на антиквизацијата.
„Ние имавме период во којшто можевме да демонстрираме и поинакво поведение, овие 10 години антиквизација практично ја префрлија поддршката на меѓународната заедница на страна на Грција и сега ние се сносиме со последиците од она што го правевме. Сега новата власт сака да каже дека ние сме нешто друго, меѓутоа штетата е направена и цената сега се испорачува. Македонските политичари на крајот од овој процес, и власта и опозицијата, но и народот, на референдум ќе се согласат со тоа или не“, смета Малески.
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Брисел постигнаа рамка за компромис за името и се очекува средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.