Власта и опозицијата си дадоа рок од шест месеци да ги договорат измените во Изборниот законик. Собранието вчера донесе мали измени за да овозможи да се формира привремена ДИК со мандат од шест месеци, откако заврши мандатот на сегашните членови.
Во меѓувреме, партиите треба да договорат нов Изборен законик, кој се очекува да биде донесен до крајот на есента. Прашања за кои треба да се разговара се евентуално воведување на една изборна единица наместо шест, дали во таков случај ќе има цензус, дали ќе се воведат отворени листи и дали ќе остане сегашното решение премиерот да даде оставка на 100 дена пред избори, а опозицијата ќе добие неколку клучни министерски и заменички места.
СДСМ се залага за целосна промена на изборниот модел, односно за една изборна единица, наместо шест како досега и за отворени листи на кои граѓаните нема да гласаат само за партија, туку и за кандидатите. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè уште немаат изградено партиски став за ова прашање. Во ДУИ, пак, се противат на предлогот за една изборна единица, зашто, како што велат, сегашниот пропорционален модел со шест изборни единици се покажал како успешен. Сепак, тие се залагаат за отворени листи.
Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ вели дека се залагаат за целосна професионализација на ДИК, зголемување на државното финансирање на политичките партии и намалување на можноста за финансирање од правните лица, како и намалување на политичкото рекламирање. Во однос на изборниот модел, тие се залагаат за една изборна единица и отворени листи. Тунтев вели дека на тој начин ќе се дојде до поквалитетни кандидати.
„Наместо кандидатите да се туркаат околу политичките елити за кој да биде на листа, вака политичките партии ќе се борат на своите листи да имаат квалитетни луѓе“, вели Тунтев.
Тој посочува дека „пржинските рокови“ за премиер и министри остануваат на сила додека не биде договорено поинаку.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека сè уште немаат изградено партиски став во однос на измените на Изборниот законик.
Артан Груби од ДУИ, пак, вели дека тие се противат на воведувањето една изборна единица, затоа што сегашниот изборен систем со шест изборни единици се покажал како успешен, но нагласува дека тие се прва партија којашто поддржала отворени листи. Смета дека премиерот не би требало да поднесува оставка пред изборите, како што беше договорено во Пржино пред изборите во 2016 година.
„Сметам дека ќе треба реално да се изнајде некое друго решение, затоа што не се покажа како ефикасно, туку напротив, го искомпликува целиот процес. Сепак, тука исто така ќе треба да се најде консензуално решение меѓу партиите, за да не испадне изборен процес којшто не би бил прифатлив за која било страна“, вели Груби.
Поранешниот пратеник Насер Зибери вели дека една изборна единица и отворени листи може да придонесат за порепрезентативен израз на волјата на граѓаните.
„Скептик сум дека промените ќе одат во таа насока, бидејќи доминантните политички партии, тука пред сè мислам на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, не се многу расположени, прво Македонија да биде претворена во една изборна единица, а уште повеќе да ги отвораат листите на можни кандидати, затоа што тоа ќе предизвика внатрепартиски расправии и дебати кои во секој случај би биле позитивни за општеството“, вели Зибери.
Според новите измени, ДИК ќе има седум членови од кои претседателот и двајца членови на ДИК ќе бидат предложени од страна на опозицијата, а потпретседателот и тројца членови ќе бидат на предлог на владејачкото мнозинство.