Достапни линкови

Партиски преговори за нова промена на изборниот модел


Архива: Граѓани гласаат на локалните избори во 2017 година.
Архива: Граѓани гласаат на локалните избори во 2017 година.

Во тек се проговори меѓу партиите околу изборното законодавство и можната промена на изборниот модел. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека рано е да ја соопштат нивната позиција, од СДСМ дека се за промена на постоечкиот модел. Помалите партии се жалат дека постоечкиот Донтов модел ги фаворизира големите.

Во пресрет на следните претседателски избори кои треба да се одржат во првата половина на 2019 година, со кои истовремено е можно да се одржат и парламентарни, во јавноста повторно се отвора дебата за нова промена на постоечкиот изборен систем и формирње на една изборна единица, идеја која во минатото ја отфрлаа најголемите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Изборниот модел во Македонија е регулиран според Изборниот законик, односно правилата на трката за освојување на власта од страна на партиите. Земјата досега повеќепати го менуваше својот изборен систем, а граѓаните 20 пати гласаа на повеќепартиски паралментарни претседателски и локални избори.

Во почетокот на 90-тите имаше мнозински изборен модел, во 1998 беше воведен мешан, а од 2002 година до денес се применува пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици.

Мнозинскиот модел се применува за избор на претседател и градоначалнци, а пропорционалниот за избор на пратеници и советници во општините.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е рано да го соопштат ставот за прашањето за промената, наведувајќи дека во тек се разговори со СДСМ околу изборното законодавство.

„Договорено е по летните одмори да се отвори динамиката за Изборниот модел. Рано е да се соопшти позицијата на партијата во преговорите“, вели Иво Котевски од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека партијата подолг период има јасно дефиниран став по ова прашање и дека се за промена на изборниот модел со што Македонија ќе стане една изборна единица.

„Со тоа ќе се обезбеди еднаквост на гласот на сите граѓани во државата, но и ќе се затворат непродуктивните дебати за промена на границите на изборните единици. Ова е дел и од изборната програма на СДСМ, „План за живот во Македонија“, велат од СДСМ.

Во однос на прашањето, претседателот на НСДП Тито Петковски изјави дека за помалите партии е „политичко самоубиство“ настапот на избори надвор од двете најголеми политички партии, кои, како што вели, се фаворизирани во услови на пресметка на гласовите според таканаречената Донтова метода.

„Во услови на пропорционален изборен модел со шест изборни единици, шансите за успех со самостоен настап реално се мали. (...) Тој изборен модел објективно ги фаворизира партиите со многубројно членство, а ги релативизира помалите политички партии независно од квалитетот на политичката програма и изборната понуда“, вели Петковски.

Експерти за политички системи велат дека идеален изборен модел не постои, а според нив еден од главните проблеми со изборите е честото менување на Изборниот законик, што е забележано и во извештаите на меѓународните набљудувачи.

Универзитетскиот професор Горан Илиќ во разговор за РСЕ неодамна изјави дека согласно постоечкиот изборен модел кој ја користи Донтовата формула, нема иднина за малите политички партии кои се принудени да стануваат сателити или да претставуваат мал минорен дел од коалициите кои се формираат.

„Доколку дојде до промена на начинот на пресметување на мандатите за во Собранието на Македонија, може да дојде и до ревитализација на малите партии во државата“, вели Илиќ додавајќи:

„Според мене, пропорционалниот изборен модел е најдобар модел, бидејќи на таков начин вие овозможувате претставување на што поголем број сегменти во општеството. Но, проблематичен е начинот на пресметување. Бидејќи според Донтовата формула вие губите многу гласови кои ви остануваат без освоени мандати, а сепак во демократијата не е важна толку математиката, бидејќи секој глас подеднакво вреди“, вели Илиќ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG