Премиерот Зоран Заев денеска до Собранието го доставува предлогот за реконструкција на Владата, а новите имиња се од редовите на новите коалициски партнери, Беса на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи. Согласно најавите, министерот за култура Роберт Алаџозоски ќе биде заменет од Асаф Адеми по предлог на БЕСА, која треба да ги добие и заменичките места во труд и социјална политика и министерството за надворешни работи,
Бардиљ Даути ќе биде министер без ресор задолжен за странски инвестиции, а Митасин Бекири заменик министер за транспорт и врски по предлог на ДПА. Се очекува и смена на министерката за образование Рената Дескоска која ќе оди во правда, а на функцијата ќе биде поставен нејзиниот досегашен заменик Арбр Адеми.
Реконструкцијата на Владата не е врз основа на анализа на добро или лошо сработена работа со цел да се донесе поквалитетен кадар, туку е купување на гласови од страна на премиерот и на СДСМ за во Парламентот да има постабилна коалиција, вели политичкиот аналитичар Алајдин Демири.
„Без оглед што ќе понудат партиите и без оглед дали има квалитет или нема тие им требаат како бројки и така ќе ги употребуваат, додека квалитетот на Владата е неважен“, смета Демири.
И професорот од Универзитетот Свети Климент Охридски, Никола Дујовски смета дека и оваа реконструкција како и минатите е резултат на политички договор, кој не претставува процес на избор на квалитетни луѓе.
„За мене целосната реконструкција па и вкупно Владата е орган каде што седат партиски делегирани луѓе. Немаме таму професионалци. Не е ова Канада, каде имаме буквално професионалец во секој од ресорите кај нас не е така за жал. И периодов којшто следува ќе биде повторно така. Не се прават анализи за лицата колку успешно ги завршиле работите во својот ресор и веројатно се кине таму кајшто е најтенко, па култура некако беше наједноставна за смена“, вели Дујовски.
Според Демири, на Владата само и е важно решавањето на спорот за името за да се направи позиција за натамошно владеење.
„Досега реформите за кои се залагаше Заев во судството, економија, образование и здравството уште ги нема, ниту пак размислуваат за нив. Тие реформи може да се прават само со квалитетни луѓе, а не со било кого, посебно од одредени партии кои не работат за Владата, туку само ја бранат својата мината позиција да го скријат сопствениот криминал и итн“, додава Демири.
Дујовски додава дека ако сакаме да се интегрираме во ЕУ она што е потребно е пополека да се градат капацитетите за тоа кој може да биде министер или директор на јавна установа во Македонија, а сега засега се е оставена на политичката борба и договор.
Заев порача дека се надева оти до крајот на месецот имињата ќе бидат ставени на дневен ред на пленарна седница за да се докомплетира Владата.