Тетовец си направил музеј дома

Тетовецот Зоран Јанкуловски во станот каде што живее си направил мини-музеј во кој има педесетина вредни експонати.

И дом за за живеење и мини-музеј со десетици старини и антиквитети. Ваков е станот во кој живее семејството на Зоран Јанкуловски од Тетово каде се сместени неговите 50-тина предмети кои како колекционер ги собирал 20-тина години. Сè почнало кога нашол пегла од 1907 година во куќа во преспанско Љубојно од каде потекнуваат неговите дедо и баба.

„Таму имаме стара куќа со многу стари предмети коишто ги употребувале баба ми и дедо ми. Ми беа интересни зашто живееме во едно модерно доба, зашто не опкружуваат сосема поинакви пософистицирани нешта, коишто имаат практична вредност и примена ама немаат, според мене, душа. Овие се порустикални, на изглед поспартански, ама за мене се попривлечни“, објаснува тетовецот.

Со тек на времето се зголемувала желбата кај Зоран да наоѓа и да купува стари предмети. Сега веќе во музејот има експонати кои ги наоѓал низ целиот свет.

„Отприлика вредни експонати имам 50-тина кои се навистина вредни и ретки. Морам да го издвојам пијаното Густав-Рошлер од 1900-та година. Тоа е претходник на пијаната кои се денес познати и се произведуваат под името Петроф. Тоа е модел којшто навистина е редок. Скап затоа што на саемот на музички инструменти во Париз 1900-та година има добиено прва награда. Горд сум што е дел од мојата колекција. Потоа имам троножец салонска камера од 1887 година Воитлендер од Виена и тоа е доста вредно и ретко парче. Имам книги од 1671 па до крајот на 19 век. Фетиш ми се грамофони. Посебно овие Беринерови грамофони со труба. Имам еден оригинал и неколку реплики коишто не се вредни, но мене и те како естетски ме исполнуваат и затоа ги имам во мојата колекција. Значи имам еден грамофон од 1920 година, Хис Мастерс Воис, Едисон Бел, уште еден од триесетите години. Стара цитра имам, интересна е, не по својата спецификација, туку по својот изглед исто од 1900-тата година“,вели Зоран Јанкуловски.

Предметите се ставени во специјално изградени застаклени простори во станот.

„Благодарение на тоа што сопругата ми е архитект, успеавме некако во еден модеренистички концепт на ентериерно дизајнирање на станот. Овој рустикален да го вметнеме во дневната соба. Експонатите во секое време може да се видат. Кога сум сам на некој начин комуницирам со сите предмети и тоа ме исполнува. Горд сум со тоа што го имам затоа што и по мене се надевам мојата ќерка со иста љубов како наследство од својот татко ќе ги негува, ќе ги чува овие предмети затоа што на крајот од краиштата, сите овие предмети се сведоци на едно поодминато време“, вели Зоран Јанкуловски.