Не го разбираме игнорантскиот однос на државата и на Општината Куманово за изградба на канализациона мрежа, но ние не се предаваме и ако не добиеме средства, сами ќе платиме, само ни треба одобрение за тоа, велат револтираните и разочарани жители на кумановското село Режановце.
Со наши средства да ги купиме цевките и да ги поставиме. Ова е срамота, имаат пари по 200 илјади евра или милиони да се даваат за разни канделабри, за палми и за што уште не, а да немаат за 500 евра. Самите ќе си го направиме тоа, ама кога ќе дојде време за гласање, сите партии ќе ги ставиме на тапет.Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница на Режановце.
„Канализација е најглавното нешто што треба да се направи. Имаме вода, селото е најбогато со вода, но доколку ја загадиме водата, тешко потоа ќе може да се прочисти“, вели Зоран Крстевски, претседател на Месната заедница на Режановце.
Тој додава дека од ИПАРД програмата, Општината добила пет милиони евра за изградба на 25 километри канализациона мрежа во градот и во нивното село. Тие не знаат во кој крај и дали воопшто Режановце ќе биде опфатено.
„А сега се гради пругата Коридор 8, Куманово –Бељаковце, која поминува низ нашето село. Сега е момент да се направи пропуст под пругата. До скоро немавме одобрение, сега имаме и тоа и проект, за да се приклучиме. Имаме канал до пред пругата, ако не го направиме сега, кога ќе се изгради пругата ние иако 11 години имаме канал до пред пруга, ќе останеме слепо црево како единствено во државава.“
Заради тоа жителите протестирале, а потоа од сите надлежни во државава добиле ветувања, но 50 метри останале неопфатени. Побарале помош од Општината, од таму биле одбиени и жителите се договориле самите да соберат пари.
Проблем ни е само канализацијата, бидејќи поради септичките јами водата се загадува. Сѐ друго имаме.Слаѓан Трајковски од Режановце.
„Со наши средства да ги купиме цевките и да ги поставиме. Ова е срамота, имаат пари по 200 илјади евра или милиони да се даваат за разни канделабри, за палми и за што уште не, а да немаат за 500 евра. Самите ќе си го направиме тоа, ама кога ќе дојде време за гласање, сите партии ќе ги ставиме на тапет“, вели Крстевски.
Според Крстевски околу илјада жители од ова село на само четири километри од Куманово до сега на сѐ што било изградено или некој проблем бил надминат, му претходеле протести. Постојано надлежните ги изигруваат.
„Кога било за школо, имaло штрајк, ако било за пат- штрајк, сега за канализација, пак штрајк. Срамота е ова.“
Од Општината никогаш не добиле никакви средства иако е најгусто населено. Младите не го напуштаат, имаат стотина основци, сред село црква Свети Јован Опсечениот и можеби на Балканот најголем Музеј за народни носии, со над илјада, 700 килими и други стари предмети, соберени од Златко Давитковски, извори со лековити води, богато со вода, многу домашни и странски посетители навраќаат да ги видат убавините на селото. А и даноци и плаќаат на државата.
„Не Вевчани, ќе го надминеме и Вевчани“, велат селаните.
Жителите работат кој како ќе се снајде, но се занимаваат со земјоделие и сточарство, а во училиштето што сами го изградиле имаат и парно греење. Затоа и за канализацијата не се откажуваат.
Слаѓан Трајковски е млад човек кој никогаш не размислувал да го напушти селото.
„Проблем ни е само канализацијата, бидејќи поради септичките јами водата се загадува. Сѐ друго имаме.“
Во Режановце се повеќе се враќаат пензионери кои работниот век го поминале во градовите или пак надвор од земјава. Странските пензионери велат дека менталниот склоп на жителите не е многу далеку од оној во Швајцарија или Германија. Но фирмите, институциите не сакаат да прифатат сугестии.
И Марјан Василевски додава дека селото без фекална канализација е како мртво.
„Тоа го загрозува животот на нашите деца кои пијат вода загадена од фекалии. Фекална канализација е приоритет. Инаку, имаме сѐ друго“, велат жителите од кумановското Режановце кои неуморно работат на модернизирање на нивното село.