Пропаѓаат над 1.700 експонати или парчиња, од кои 800 народни носии од сите краеви на Македонија, од егејско и пиринско, од јужна Србија, кои датираат од пред повеќе од едно столетие, 300 килими и многу други предмети собирани од Златко Давидовски, а поместени во еден од објектите на црковниот двор на „Свети Јован Опсечен“, во кумановското село Режановце. Објектот се распаѓа, а пајажина се надвиснала над сето она што некогаш со многу љубов било чувано.
Колекционерот на експонатите Давидовски, родум од кривопаланечко, четири ипол децении битисувал во црквата, и како што раскажува тоа е сè што има во неговиот живот. Поради незаинтересираноста на надлежните и нивните контроверзни ставови околу своевидниот етнолошки музеј, сите тие експонати се оставени на милост и немилост на забот на времето, а од пред извесно време Златко Давидовски од неразбирливи причини е дислоциран. Тој повремено наминува во црквата, ги гледа носиите со кои, како што вели, додека ги собирал и комплетирал, разговарал, внесувал дел од својата душа, живеел преку нив. Неговата голема желба да се направи музеј кој ќе остане како спомен на него, атракција за посетители кои во времето додека тој живеел тука, наминувале од сите страни на светот и се воодушевувале.
Пред неколку години, како што вели Давидовски, експонатите биле анализирани, гледани и толкувани од стручњаци, објектот бил колку- толку реновиран, наместен и заштитен е дел од предметите. Но, недоволно.
„Ова е итно, на пример, ако налетаат молци, за десет дена 800 килими ќе ги снема. Професори од Природно-математичкиот факултет од Скопје правеа елаборат и проценија дека има три 1. 700 парчиња. Најстарата носија е од мајка ми и стара е 120 години.“
Во своевидниот музеј меѓу другото има и килим стар едно столетие донација од Охрид, сопственост на некој владика.
„Откако беше министерката за култура вчудовидена од она што го виде тука, прати двајца архитекти од Куманово да направат проект објектот да се надгради и рече музејот да влезе во програма.“
Златко Давидовски бил посетен и од други надлежни, кои, според него, сакаат да ги земат експонатите и да ги однесат од Режановце.
„Побарав да се направи спомен-соба на оној што ги собирал експонатите, тие да бидат на едно место, ако треба и да се земе друга локација, а бидејќи немам ништо, државата да се погрижи за мене во староста. Една директорка (од Музејот на Кале во Скопје) ми рече дека немаат налог за спомен-соба, дека носиите ќе бидат распределени по други музеи, а јас пак да собирам.“
Низ солзи раскажува тој и додава дека требало да потпише документ за откажување од носиите.
„Јас да потпишам, таа да се гордее, а јас како да ги фрлам во бунар. Ми рече дека ќе добијам благодарница, а јас имам 50 благодарници од сите библиотеки затоа што имам издадено две книги.“
Златко Давидовски вели дека уште еднаш писмено ќе се обрати до сите институции и доколку не добие или добие негативен одговор, иако со тешко срце, ќе биде принуден да ги отуѓи експонатите.
„Не можам да ги продавам, зашто една носија да продадам јас пет години ќе боледувам. Или нека формираат комисија за проценка.“
Тој вели дека од Министерството за култура како помош добил само 700 евра, колку што, како што додава тој, вреди една штикла на министерката Елизабета Канчевска Милевска.
Иако експонатите се во селото кое е дел од Општината Куманово, градоначалникот Зоран Дамјановски вели дека објектот е сопственост на МПЦ и тие немаат ингеренции. Локалната самоуправа би можела да даде финансиска помош доколку се работи за здружение, а според него би било штета раритетите да пропаднат.