По три години од јавната промоција на циклусот „Ѕвезди над карпите“ во Домот на културата „Иљо Антески Смок“ во Тетово, ликовниот уметник и истражувач Александар В. Настески во Изложбениот салон „Империал 1“ на Културно-информативниот центар – Скопје се претставува со неговото второ издание. Овојпат тој на ликовната публика, во периодот од 8 до 19 мај, на својата 32 самостојна изложба и нуди 20 дела, големи формати, работени во техника акрилик на панел и создадени во периодот 2006 – 2018 година.
Во пресрет на отворањето на поставката Настески знае да каже дека уметникот е човек со немирен дух и секогаш е во потрага по нешто ново. Вели дека така барајќи нови возбуди и сознанија настанал и актуелниот циклус во неговото сликарство. Дека самиот од секогаш сакал приказни, легенди, митови ...бидејќи му биле сликовити. Во потрагата се потсетил на своето детство кога со другарите се качувал на Голем камен зубоски кадешто оделе да го видат копитото на марковиот Шарец ...и се воодушевувале од тоа како големиот Марко скокал од Шар планина преку целиот Полог до Сува гора. Подоцна се потсетил на тие камења, на своите тогашни видувања и почнал со истражување. Пронашол многубројни карпи скоро во секое село под Шар планина...Марков камен, Маркова нога...за да обновувајќи ги своите познавања од историјата на уметноста стигне до заклучок дека тоа е нешто сосема друго.
„Всушност се работеше за праисториски артефакти. За траги на постоење и битисување на нашите претци од дамнешната претисторија. И тогаш ми се отвори еден нов, прекрасен, незаборавен свет. Свет кој зборува за мајката Земја, за таткото Сонце, за родноста во природата, кај животните и кај луѓето, а тие гравири, пиктажи и рељефи беа вистински ликовно-наративни композиции. Тие и денес се неверојатно живи, всушност тие се вечни“, појаснува уметникот.
Истакнува дека подоцна неговиот видик се проширил, погледнал малку и према ѕвездите и откако видел дека многу храбри истражувачи и научници во светот не се согласни со кажувањата на службената наука за многу прашања за развојот на историјата и културата на човештвото како на пример за постанокот на праисториското-пештерско сликарство, за градбата и намената на египетските пирамиди, културата на Инките, Маите, на Велигденските острови, Стоунхенџ...а потоа и за наше Кокино и наш Цоцев камен.
„Дојдов до сознание дека сè е тоа на некој начин поврзано и дека човештвото не може да биде само во овој свет, во овој огромен космос. Тоа би било премногу стварно, премногу пусто нешто. И дека не сме ние единствените живи суштества, хомосапиенси кои ете во овој свет, во оваа наша Галаксија битисуваат“, вели Настески.
Во натамошната експликација тој истакнува дека таквите сознанија долго тлееле во него за да на некој начин и потем бидат потврдени со неговите пронајдоци како на пример : со релјефите од Маркова карпа- каде што сите претставени елементи се четири пати поголеми од нормалните човекови големини-што би можеле да бидат сеќавање на нашите предци за гигантите кои некогаш владееле со нашиов свет, или тие гиганти би можеле да бидат креација од нашите древни посетители од Вселената. Потоа, со релјефите од Карпата со стапалата и со спиралата, каде се претставени две човечки стапалки - и двете десни-едната према небото а другата према земјата,и огромен број на купули –длапки поставени во спирала ,кои во науката се толкуваат како претстави за ѕвездите, а тоа значи дека ова е астрална карта каде е претставена нашата галаксија - Млечниот пат.
Од таму и прашањето од каде го знаеле тоа нашите далечни предци?! Самите тешко би можеле тоа да го откријат и најверојатно имале помош од некој друг- а тоа биле нивните „богови“ кои денеска се познати под името древни вонземјани – древните посетители на нашава планета-дамнешните патници-космонаути кои по се изгледа овде биле од памтивека и од пред тоа . А, потем и спознанието дека „за ова нешто ни зборуваат многубројните митови, цртежите во пештерите и на карпите, огромниот број на слики и скулптури во гробниците на старите народи како и претставите на вселенски летала на фреските и иконите од средовековието. Згора на тоа авторот укажува на „неверојаниот пример на вселенско летало со космонаут и на кружниот артефакт од Меспотамија, на најспектакуларната претстава на вселански летала во црквата Високи Дечани и тоа на фреската Распетие Христово од 1350 година, како и на преставата на Сончевиот систем и на нашата галаксија во манастирот Лесново од 1340 година“.
Затоа Настески смета дека токму тие уметнички дела од праисторијата, митовите за Млечниот пат, вселенските летала од Месопотамија и од фреските од средновековието, најновите сознанија за Вселената и за нашата галаксија... си го нашле своето место во неговите најнови дела. Дека во нив „има нагласен ритам од форми и бои, многу ликовна драматика и треперења а најповеќе искрен пристап кон оваа проблематика и надеж дека овој мој мал и скромен придонес ќе придонесе за подобро осознавање на вистината за нас и нашиов свет“.
„Овие слики се мој обид на мој начин да ја претставам таа неверојатна, несфатлива епска моќ на Вселената и Природата воопшто. За нејзиното создавање зборувам. За нејзиното катаклизмичко самоуништување и пресоздавање. Зошто тоа за нашиов човечки ум, веројатно, е несфатливо. И непоимливо. Но тоа, по се изгледа е сеприсутно во целава за нас позната и непозната Вселена“, вели уметникот.
Настески - „Ѕвездена ноќ над Шара“
Тој и со констатација дека целиот свет е во движење. Дека целиот свет на некој чудесен начин поврзан и дека тоа само некако се отсликува во нас, а ние пробуваме да го изразиме со некои наши погледи. Со наши чувства и размисли.
Прашан, пак, дали и во иднина ќе продолжи неговиот интерес за работа на овој циклус Александар и со констатација дека ќе тргне кон новите потраги многу похрабро.
„Дојдов до едни нови, интересни сознанија, да не кажам дури и оригинални, кои ми дават сила да продолжам и верувајте сега сакам уште поголеми површини да сликам. Просто мали ми се овие ...но дали ќе успеам и како ќе биде тоа ќе видиме во наредниот период“, изјавува Настески.
А, кон неговите кажувања само уште неколку биографски цртички.
Роден 1948 година, Александар В. Настески завршил Педагошка академија во Скопје и Академија на применета уметност во Белград .Досега реализирал 31 самостојна изложба во земјава и странство и учествувал на заедничките изложби на ДЛУМ и ЗЛУТ.
Учесник е и на меѓународните изложби во Париз, во Франција и во Капо ди Понте, Италија, а бележити се и неговите излагања и ликовни поставки на Меѓународниот симпозиум Валкамоника во 2011 и 2013 година. Годинава со свој труд е предвидено да учествува на Конгресот на Интернационалната федерација за карпеста уметност (ИФРАО) што ќе се одржи во септември во Терме Бормио, во Италија.