Состанокот во Солун на министри од Грција, Македонија, Бугарија и Албанија е уште една можност шефовите на дипломатиите, Никола Димитров и Никос Коѕијас, да разговараат за прашањето за името. Двете земји последните месеци интензивно разговараат како да се надмине овој проблем за да може Македонија на самитот на ЕУ во јуни да добие датум за преговори, а на самитот на НАТО во јули да стане земја членка, но предуслов и за двете е решавање на спорот. Но, ерга омнес, односно име за сите употреби, по сè изгледа, останува главен проблем.
Македонскиот премиер Зоран Заев, се уште е оптимист дека може да се постигне решение пред одржување на Советот на министрите на ЕУ. „Мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение за името“, рече Заев во интервју за РСЕ. Тој вели дека можно е конечно решение за името при отворањето на Уставот за влез во ЕУ.
„А и во преговарачкиот процес и оставањето на трага за во иднина, јас можам да кажам дека при овој дел на креативноста сите опции се отворени, веројатно. Ние и разговараме кога би се спровел референдум, дали би значело конечност на ова решение во одреден период, а не веднаш, можеби веднаш, па така е најдобро, сето тоа е дел од модалитетите за кои се разговара, така што рамката е многу важна, временската рамка за носењето на одлуките, но таа поприлично зависи и од изнаоѓањето на решението за проблемот со името, кој Грција го има со нас“, вели Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го повторува ставот дека нема да поддржат какво било решение што ќе значи промена на Устав, а со цел промена на уставно име.
Грчката страна, според изјавите на официјалните претставници, не отстапува од барањето името да биде за целосна употреба, што подразбира и промена на Уставот. Министерот Коѕијас во интервју за телевизијата Скај изјави дека правилно направиле што го отвориле прашањето за ерга омнес. Тој вели дека и да нема договор, тие нема да бидат виновни.
Според него, преговорите оделе и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“. Тој посочува дека за да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата, а не да биде само за надворешна употреба.
Претходно Димитров и Коѕијас во рок од еден месец се сретнаа четирипати. Првин грчкиот министер на крајот на март допатува во Скопје, но овој пат со авион на аеродромот со тукушто сменето име. Потоа двајцата министри заедно со посредникот на ОН, Метју Нимиц, разговараа во Виена, па Коѕијас повторно ја посети Македонија, средбата беше во Охрид, а пред десетина дена пак имаа состанок со Нимиц во Виена. По разговорите во Виена, Нимиц изјави дека разговорите биле интензивни и охрабрувачки:
Разговори во Солун за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ
На состанокот во Солун присуствуваат и министрите Екатерина Захариева и Дитмир Бушати. Тие два дена во Солун разговараат за тоа како да се подобри соработката за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, за предизвиците со кои се соочува регионот, последиците од мигрантите и бегалците. Ова е трета средба на министри во ваков формат. Втората средба во ваков состав се одржа минатата година во октомври, исто така во Солун. Тогаш министрите разговараа за безбедносната и прекуграничната соработка и енергетското поврзување. Првата средба ја иницираше Коѕијас и таа се одржа во април 2016. Состанокот беше посветен на криза со мигрантите.