Политичката волја, клучна „реформа“ за независно судство

Илустрација.

Потребно е воведување на нов систем кој ќе овозможи независно функционирање на судовите, велат познавачи, додaвајќи дека за тоа клучна е политичката волја. Коментарите доаѓаат по оценките на Стејт департменентот и Европската комисија дека се потребни реформи за обезбедување независност на судството.

Потребно е да биде завршен процесот на донесувањето на новите закони, за да се обезбеди легислативна можност за независност на судството, а уште поважна ќе биде нивната примената, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.

Коментарите доаѓаат по заклучоците на Стејт департментот на САД во најновиот извештај за почитувањето на човековите права во 2017 година. Во делот за Македонија, Стејт департментот наведе дека недостатокот на независноста во судството останува едно од најзначајните прашања во однос на човековите права во земјава.

Слични заклучоци за судството се нaведени и во годинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија.

Трпеновски вели дека прво потребна е промена на составот и овластувањата на Судскиот совет и обезбедување на поголеми ингеренции во однос на оценката на работата на судовите.

„Јас мислам дека отпочнат е процесот за да се дојде до крајниот резултат, а крајниот резултат ќе биде ефективна примена, односно политичка желба за да се примени легислативата која сега е во тек. Очекувам да се подобри состојбата со независноста на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал“, вели Трпеновски.

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава објавен минатата недела, во делот за судството се наведува дека следната година земјава треба да усвои и спроведе мерки, вклучително стратегија за реформи во судството и негова заштита од политичко мешање.

Направен е добар прогрес во оваа област во изминатиот период, стои во извештајот, но потенцирано е дека е потребно да бидат донесени и спроведени реформи во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители, со кои ќе се осигура дека тие ќе ги исполнуваат нивните соодветни улоги во заштитата на независноста на судството, на судиите и обвинителите.

„Сите реформи, особено за оние кои се однесуваат на институциите, потребно е да бидат направени врз основа на силни анализи на недостатоците и потребите, да бидат соодветно планирани, буџетирани и да следат инклузивни процеси на консултации со сите релевантни чинители“, се вели во извештајот.

Според тоа како во моментов функционира судската власт, потребни се сеопфатни реформи, како нов закон за судови, нов закон за изборот на судиите и нивната оценка, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

„Ова што сега се прави е минорно, козметички, и само со нов закон кој ќе го смени системот, во смисла на зајакнувањето на независноста на судиите и нивното вреднување, односно евалуацијата на изборот – тоа е во суштина најбитната работа. Овој систем кој го имавме се покажа неефикасен и тој како таков треба да се замени“, вели Илиев.

Тој истакнува дека е потребно да се најде нов модел на судски совет со негови надлежности во однос на заштита на независноста на судиите и нивното оценување, а судовите поинаку да се организираат.

Трпеновски додава дека не е реално за кратко време да се очекуваат резултати во оваа област, неведувајќи оти е потребно да помине разумен период исполнет со активности во кој ќе се оценува подобрувањето на состојбите во независноста на судството.

И двајцата соговорници сметаат оти со добра организација и со политичка волја нема да биде потребна странска помош за подобрување на состојбите во судството.