Достапни линкови

Судир на интереси меѓу Основниот и Врховниот суд?


Архивска фотографија - Собрание на Македонија, 27 април, 2017.
Архивска фотографија - Собрание на Македонија, 27 април, 2017.

Пет лица обвинети за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, ноќеска повторно се приведени и пренесени во Истражниот затвор, по налог на Кривичниот суд. Сомневањата во одлуките на судовите покажува дека јавноста и натаму нема доверба дека реформите се започнати, велат дел од експертите.

Еден ден по одлуката на Врховниот суд на осомничените за случувањата во Собранието на 27 април затворскиот притвор да им го замени со куќен притвор, пет обвинети лица повторно се приведени и вратени во истражниот затвор Скопје, по налог на Кривичниот суд. Постапувајќи по решение на Основниот суд Скопје 1, ноќеска, по полноќ, полицијата ги спроведела овие лица во истражен затвор, информираат од МВР.

Дел од експертите велат дека дискутабилна била претходната одлука на Врховниот суд, со оглед дека во изминатиот период одлуките на претседателот Јово Вангеловски стручната јавност ги толкуваше како спорни.

Но, адвокатот Звонко Давидовиќ забележува дека последната одлука на Кривичниот совет на Основен суд 1 ќе придонесе за зацврстување на впечатокот дека заздравувањето на судството не е започнато и оти продолжува со принципот и начинот на работење за кој години наназад се укажуваше, а тоа е дека има селективен пристап на делење правда и користење на двојни аршини.

„Ако највисокиот Суд во државата нашол дека опасност од бегство може да се осуети, односно дека доволна гаранција е куќниот притвор, трипати понизок суд при истата фактичка состојба носи ваква одлука, навистина е чудно и сомнително и срамно. Само петмина луѓе се вратени во притвор и тоа припадници на МВР, ниту за еден друг од другите учесници, за кои е определен домашен притвор, а тоа ни дава право да кажеме дека е селективна правда и се применуваат двојни аршини“, вели Давидовиќ.

Професор Беса Арифи вели дека верува во работата на Јавното обвинителство и во расветлување на вистината за настаните од 27 април во Собранието. Таа коментира дека одлуката на Врховниот суд се однесува за жалбите доставени во делот на истрагата, а оти новите мерки се побарани откако вчера Обвинителството и официјално подигна 30 обвиненија за „случајот 27-ми април“. Според неа од прес конференцијата на Јавното Обвинителство, по која следуваа повторните приведувањата на обвинетите, може да се заклучи дека има доказен материјал за случувањата на 27 април и дека Јавното обвинителство е одлучно да оди понатаму со истрагата и обвиненијата и да го реши случајот до крај.

Во врска со одлуки на Врховниот суд и Основниот суд 1, таа вели дека во прашање се спротивставени интереси на разните органи на правосудството, а не конфузија.

„Јавното обвинителство може да има цел да го разреши овој случај до крај, додека врз основа на фактот дека претседателот на Врховниот Суд е Јово Вангеловски, кој во минатото има иницирано и донесено спорни одлуки во рамки на овој суд. Мислам дека тоа е проблем и во прашање е судир на интереси, а не хаос во судството“, изјави Арифи.

Давидовиќ не сакаше да коментира дали има политичкото влијание врз судството, но повтори дека забележува селективна правда.

„Дали претседателот на Врховниот суд е близок со претходната влада не знам, а другите со оваа власт, но воопшто самото сомневање во тоа и укажување е трагедија за ова судство. Зашто судството треба да биде самостојно и да работи според закон е на по нарачки и политички притисоци. Сомневањето покажува дека јавноста и натаму нема доверба во судството дека реформите не се започнати и дека заздравувањето не е започнато и многу сме далеку од времето кога ќе застане на нозе и навистина ќе биде трета власт“, изјави адвокатот Давидовиќ.

По повторното враќање на осомничените во притвор опозициската ВМРО- ДПМНЕ излезе со соопштение во кое бара Судот да пронајде сила и да се ослободи од стегите на власта и да суди во корист на правото.

„Тортурата и изживувањето на Зоран Заев и власта со притворените патриоти ги надмина сите граници. Крајно нечовечки, на голем дел од неосновано притворените за 27-ми април, завчера им беше преиначена мерката од ефективен во куќен притвор, а веќе вчера, партискиот суд и обвинителство на Зоран Заев, одлучија повторно да ги приведуваат пред очите на нивните семејства“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Адвокатот Давидовиќ вели дека овој случај со враќањето на осомничените во притвор повторно ќе ни ги зголемат укажувањата од Стразбур дека одбраната и обвинителството немаат еднакви права.

„Се случи овде истото ноќе во доцни часови, во тројки работеа на притвор, без бранителите да знаат што се случува, да бидат известени или да се спротивстават со аргументи“, вели Давидовиќ.

До повторното враќање на обвинетите во притвор доаѓа откако вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Во меѓувреме по определениот 30-дневен притвор на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и на уште четири лица обвинети за настаните во Собранието на 27 април минатата година, Кривичниот суд денеска го одби барањето на Обвинителството иста мерка да им се изрече и на пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски. Судот им ја продолжи мерката куќен притвор. На пратениците Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски и на уште две лица им се продолжени мерките за претпазливост.

Обвинети 30 луѓе за „крвавиот четврток“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG