Можен ли е „план Б“ за Македонија во НАТО?

Архивска фотографија - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и премиерот Зоран Заев во Скопје,18.02.2018

Аналитичарите се со поделени мислења за можноста Македонија да напредува во НАТО до самитот летово, а спорот за името со Грција да се решава во фази. За таква опција деновиве пишуваа и грчките медиуми.

Веројатно постојат информации од влијателните земји во НАТО дека нешто може да се случи со приемот на Македонија до следниот самит на Алијансата, коментираат упатените по засилените пораки дека е можно земјава наскоро да стане членка, но и по пишувањата на грчките медиуми за фазно решение на спорот, со кое ќе се овозможи напредок евроатланскиот воен сојуз.

Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет на Македонија, ова го поврзува меѓудругото и со зголеменето руско навлегување на Балканот, но и во некои други европски земји.

„Може да се очекува некоја политичка одлука, која вообичаено се носи на ранг на министри за надворешни работи на земји членки на НАТО на состанок пред самитот, кој би требало да се одржи кон крајот на април да најдат некоја формулација сепак Република Македонија да ја добие поканата за членство во НАТО“, смета Рамадани.

Грчките медиуми, пак, објавуваат анализи за можно етапно решавање на спорот за името, со кое практично би и се дозволило на Македонија да влезе во НАТО на самитот на Алијансата во Брисел во јули, па потоа би се продолжиле преговорите за целосно решавање на проблемот.

Неколку тамошни весници повикувајќи се на неофицијални информации пишуваат дека преговорите за името би можеле да резултираат со компромис за приемот во НАТО, односно со „надградба“ на статусот на Македонија на самитот летово и ветување за полноправно членство кога ќе се промени Уставот.

Конкретно пишувањата се дека Македонија може да добие „унапреден/надграден НАТО статус“, а во документот да се стави дека целосното членство во НАТО ќе и биде доделено кога ќе биде завршена промената на Уставот.

Ваквите опции, пак, се спротивни од оние што генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и изнесе во Скопје. При посетата во јануари тој рече дека „нема друг план Б за приклучување во НАТО, освен решавањето на прашањето за името”.

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје е скептичен за можен напредок на Македонија во Алијансата без конечен договор.

„Ако се постигне договор со кој би се затворило прашањето за името, а во кој одредени одредби од тој договор е наведено дека треба за одреден временски период да бидат спроведени тогаш да, би можело. Но ако нема конечен договор тогаш не верувам дека можеме да очекуваме какво било одблокирање од Грција“, вели Божиновски.

Деновиве охрабрувачки пораки стигнаа и од претставниците на меѓународниот фактор. Амбасадорот на САД Џес Бејли на одбележувањето на денот на НАТО рече дека дека постои реална можност Македонија набргу да стане членка на Алијансата. Неговиот колега, британскиот амбасадор Чарлс Гарет, пак, на социјалната мрежа Твитер напиша дека едвај го чекаaт денот кога ќе можат да ѝ посакаат добредојде на Македонија во Алијансата.