Достапни линкови

Новата посета на Коѕијас - знак дека е придвижен процесот за името


Архивска фотографија- прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија,23.03.2018
Архивска фотографија- прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија,23.03.2018

Повторната посета на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и изјавите за зголемен оптимизам, според познавачите, се знак за придвижување на процесот за името.

Начелно има согласност дека министерот за надворешни работи Никос Коѕијас ќе допатува во Скопје по Велигден, но точен датум кога ќе се случи посетата се уште не е усогласен меѓу кабинетите на двајцата министри, велат од македонското Mинистерство за надворешни работи.

Ова следува откако во грчките медиуми се појави веста дека Коѕијас ќе допатува во Македонија на 12 април. И додека точниот датум не е извесен, извесно останува дека тој ќе дојде по празниците. Тоа всушност ќе биде трета средба за помалку од еден месец. Шефот на грчката дипломатија беше во Скопје на 23 март, па седум дена подоцна, на 30 март, Коѕијас и неговиот македонски колега Никола Димитров се сретнаа во Виена.

Зачестеноста на средбите, но и изјавата на премиерот Зоран Заев дека има позитивен исчекор во разговорите за името создаваат атмосфера дека процесот се придвижува. Дополнително, Заев рече и дека тој е повеќе позитивен и поголем оптимист по средбата во Виена.

Напредок во пресрет на извештајот на ЕК

Сето ова се случува и во пресрет на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој се очекува на 17 април. Во однос на политичките критериуми, односно добрососедските односи интензивирањето ни оди во прилог, коментира Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

„Очекуваме дека овие напори ќе бидат нотирани до 17 април. Во секој случај премногу оптимистички е да очекуваме дека ќе се случи некој огромен пресврт, бидејќи, сепак, се работи за една недела, но секако на нашата влада и оди во прилог да биде забележано дека има конструктивен приод кон решевање на името“, вели Кацарска.

И лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис, кој е еден од политичарите со кои Коѕијас имаше средби за да ги информира за текот на преговорите во Виена, по средбата изјави дека „следната недела ќе биде клучна дали ќе се реши или нема да се реши проблемот со името“.

Лидерите на иста линија за идентитетот и Уставот

Во меѓувреме министрите за надворешни работи Димитров и Коѕијас на одделни средби со функционери и партиски лидери брифираат за случувањата за името. Покрај ова се очекува и лидерска средба за името. Според Заев, таа би се одржала по Велигден, најверојатно на 10 април, што би значело дека ќе биде пред доаѓањето на Коѕијас.

Ако се земат предвид изјавите на двајцата партиски лидери што се сметаат за клучни за решавањето на прашањето за името, првиот човек на СДСМ и премиер Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш и не би требало да се очекува голема разлика во позициите.

Промена на Уставот не е никаква гаранција за Грција за трајно решение, рече Заев минатиот месец ја отфрли можноста за уставни измени, нагласувајќи дека подобра опција е меѓународен договор, заснован на меѓународното право и нагласи дека идентитетот е чувство и за него буквално не можете да преговарате, да се ценкате или што било.

Мицкоски, пак и претходно, но и во неделното интервју за Радио Слободна Европа повтори дека „ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи промена на Уставот со цел да се промени уставното име на земјата, a за идентитетските одредници апсолутно нема што да се разговара“.

И единствената средба на политичките и партиските лидери за името која се одржа на 27 јануари не покажа големи разлики меѓу нив. По пет часа тие излегоа воздржани и не дадоа многу детали за да не му наштетеле на процесот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG