Во театарот имам преку четири декади искуство, а со Културниот центар Интерарт сум од 1996 година. Фестивалот Танц фест го почнавме во 2005 и ова е 14-то по ред издание. И бидејќи навистина јас себе си се сметам за човек кој е квалитетен и згора на тоа мислам дека Интерарт е навистина извонредно податлив културен кооператор, ние нема да дозволиме во ниедна смисла Фестивалот да падне.
Ова ќе го забележи Рисима Рисимкин, во пресрет на свеченото отворање на Танц фест 2018 што треба да се случи оваа среда, на 4 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар во Скопје.
„Нема да дозволиме во ниедна смисла Фестивалот да падне. Без разлика на преполовените средства ние имаме свои начини, свои извори, имаме секаде пријатели и ние ќе го направиме Танц фест да биде програма, манифестација со која ќе се гордееме повторно оваа година“, вели Рисимкин.
Појаснува дека не се категорични дека може да се прави фестивал со повеќе од скромен буџет, може само во исклучителни ситуации, но дека тие како негови потписници „не седат и не дремат“, туку дека работат и дека гледаат таквата ситуација да се смени во смисла на тоа луѓето да разберат дека навистина Фестивалот е важен во даденово културно милје.
„Уметниците имаат должност секогаш да наоѓаат начин својата работа да ја одржат во некаква форма и на некое ниво. Ние не можеме постојано да бидеме од тоа дали некој во моментот ќе ни додели средства или не. Се разбира дека тоа има свои граници, меѓутоа во одредени моменти мораме да издржиме. Не може овој Фестивал никој да го уништи, нити пак да го оспори на било кој начин. Танц Фест е со светско реноме. На него доаѓаат извонредни светски уметници и ја добиваат наградата „Менада“. Еве за пример Дидије Дешам. Тој е еден голем уметник којшто своевремено работел во државните институции и се борел за позицијата на современиот танц. Можеби тоа е и една, да речам, многу симболична порака што тој еве сега доаѓа во Македонија кадешто ние исто така се бориме за позицијата на современиот танц бидејќи таа за нас е пресудна“, вели таа.
Рисимкин дополнува дека таа е потврден творец, но дека уште поважно е што таа овде има создадено млади уметници кои допрва треба да се развиваат.
„За нив е борбата во овој момент. Не за мене. Не за Рисима Рисимкин бидејќи Рисима си е таа што е. Си има свое место и работи и надвор и тука. Општеството треба да сфати дека ние сме оние кои направија Академија на врвно европско ниво. Успеавме да бидеме единствени партнери на Ротердам денс академи кои го дале својот курикулум некаде да се оснива едукациска програма според нивната програма. Повторувам ние сме единствени во целиот регион, а мислам дека и во светот нема таков пример. Создадовме уметници кои имаат извонреден квалитет и сега е доведено во прашање нивното егзистирање. За жал, тие веќе размислуваат да си одат надвор. Сакаме да се избориме, меѓутоа нашиот израз, и ако треба да кажам крик, е во тоа што ќе продолжиме да се бавиме со својата уметност. Нема да се откажеме“, вели Рисимкин.
Затоа таа забележува дека Танц фест 2018 го отвараат во име на седумте години постоење на Скопје танцов театар со млад кореограф, исклучително талентираната Андријана Данчевска, и дека тоа е убав повод публиката да дојде и да ја проследи „Д.О.Л“, работена по оригинална музика на Александар Гроздановски, и да види дека и кај нас се создаваат европски претстави.
Во контекст на ова, Рисима со констатација дека културата мора да биде во преден план на секое општество.
„Ние сме мала земја и ако немаме вистинска културна политика којашто ќе не изгради и ќе не претстави во светот, тогаш навистина и немаме со што да се искажеме. Нашите сили не можат да се мерат само тука кај нас во Македонија. Мора да ни стане јасно дека луѓето кои успеваат во светот се за почит. Показателот дека Скопје танцов театар настапи на Холанд денс фестивал којшто во 30 години постоење не поканил ниту една танцова компанија од целиов регион, ниту еден национален балет, еве да речеме ни државна институција за којшто некои сметаат дека по правило се подобри, а не е точно, и тие не биле таму, а ние веќе бевме, е исклучителна потврда за нашиот успех. Нас државата мора да нè поддржи. Јас имам разбирање, бидејќи тоа сепак е процес којшто се одвива и дека во Македонија има доста превирања и од друг аспект, па затоа и сметам дека ни се случуваат некои падови, недоследности, недоречености. Конечно се надевам дека тие ќе се сменат и дека ќе ја добиеме вистинската поддршка“, вели таа.
Прашана пак за тоа кој е нејзиниот иден предизвик, Рисимкин како немирен дух кој постојано ја напушта комфорната зона и трага по нови творечко-продуцентски возбуди, ќе рече дека во моментов се во фаза на добивање на нов простор и дека таа сериозно се бави токму со таа проблематика. Дека заедно со луѓето околу Интерарт, Танц фест, Скопје танцов театар очекуваат државата да им помогне околу просторот и тие да го формираат Центарот за современа култура во кој ќе бидат застапени три невербални уметности, современиот танц, музиката и визуелните уметности и во кој ќе можат младите луѓе да творат и да просперираат.
„Мојот предизвик јас го наоѓам во тоа бидејќи јас навистина се чувствувам остварена како уметник, како професор и педагог, како ментор на овие млади уметници. Се гордеам со нив и сакам до крај да им овозможам да напредуваат и да оставам еден простор кој понатаму ќе живее и ќе овозможи младите и во Македонија да се чувствуваат европски, а не само во Европа“.