Израелскиот МЕИТАР на 41-те Денови на македонска музика

МЕИТАР

Со програма составена од дела на современи израелски и македонски творци, овој вторник, на 3 април, во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на фестивалот 41 Денови на македонска музика, во трио состав ќе настапи прочуениот ансамбл МЕИТАР од Тел Авив, чиј основач и уметнички директор е пијанистот Амит Долберг.

Ова е наша прва средба со творештвото на македонските композитори. Навистина сме среќни и со нетрпение чекаме да ги запознаеме и да работиме со нив. За нас е особено важно да воспоставиме директен контакт со авторите бидејќи веруваме дека на тој начин навлегуваме во суштината на музиката и создаваме длабока и значајна интерпретација. Програмата на концертот е многу енергична, интересна и по малку со џез елементи. Мислам дека публиката ќе биде изненадена од сличноста во музичката експресија на сите шест композитори.

Ова ќе го забележи Амит Долберг, пијанистот, основачот и уметничкиот директор на ансамблот МЕИТАР од Тел Авив, во пресрет на концертот во рамките на 41-то издание на фестивалот Денови на македонска музика, закажан за 3 април во Камерната сала на Македонска филхармонија. Разговорот е дело на музикологот Дорјана Прокопиева и е публикуван на интернет сајтот на СОКОМ.

Но, кои се всушност МЕИТАР?

Формиран во 2004 година од страна на Долберг и неговите музички собеседници, МЕИТАР набрзо се етаблира во еден од водечките ансамбли специјализирани за изведба на нова музика во Израел, чии членови се истакнати виртуози и музички професионалци.

Од резидентниот Тел Авив, ансамблот набрзо го почнува својот уметнички поход по светот. Настапувал во некои од најпрестижните концертни сали и фестивали како Центарот Помпиду во Париз, Собата на Персел во Лондон, Московскиот конзерваториум, Биеналето за современа музика во Венеција, Фестивалот Фруелинг во Хајделберг, 92Y во Њујорк, Фестивалот „Звучни бранови“ во Санкт Петербург и многу други. А за неговите изведби во весникот „Њујорк тајмс“ ќе биде почестен со епитети како „извонредност, грациозност и прецизност“ во музицирањето.

Во изминатата декада, ансамблот премиерно има изведено преку 200 нови дела, а редовно соработува со композитори како Фабијан Панисело, Марк Андре, Валтер Зимерман, Филип Леру, Матијас Пинчер, Даниел Питер Биро, Иван Феделе, Чаја Черновин, Владимир Тарнополски и други. Бележита е и нивната релација со издавачките куќи VERSO од Шпанија, ALBANY од САД, музичкото издаваштво при Израелскиот институт за музика и други.

За своето творештво МЕИТАР се закитил со бројни признанија за особен придонес во развојот на израелската музика и култура, меѓу кои наградите „Бинијами“ (2006), „Партош“ (2008) и „Ландау“ (2010).

Во 2010 година составот заедно со одбрани германски музичари бил дел од историски настан - изведба на дела од еврејски композитори во сабота во која 67 години претходно се одржувала озлогласената Ванси конференција, изведба од која произлегол документарниот филм „Снимките од Ванси“ во режија на Емре Амрам Сонмез, кој потем ја добива наградата „Сребрена палма“ на Интернационалниот фестивал во Мексико.

Згора на ова ансамблот е иницијатор на уникатна образовна програма за млади, наречена „Проект Тедарим“ што им овозможува на музичари од различни полиња на уметничко делување (интерпретација, диригирање и композиција) да се едуцираат и да истражуваат нови хоризонти на современа музика.

Пијанистот Амит Долберг, пак, е еден од водечките изведувачи на современа музика од Израел. Бројни композитори напишале и му посветиле свои композиции токму нему, кои тој премиерно ги извел на повеќе концертни сцени ширум светот. Долберг освен што е основач и директор на камерниот музички ансамбл МЕИТАР, со својот творечки габарит стои и зад Центарот за нова музика во Тел Авив, конкурсот за композитори „Матан Гивол“, Меѓународниот фестивал за нова музика CEME, како и на мастер програмата за современа музика „Тедарим“ на Академијата за музика и танц во Ерусалим. Тој е еден од основачите на ансамблот ТЕМПЕРА со кого неодамна ја доби државната награда „Бинијами“ за ансамбл на годината.

И, по сево ова интересно е што ансамблот МЕИТАР во Скопје ќе настапи во формација на трио, што подразбира дека покрај Долберг, на сцената на Камерната сала на Македонска филхармонија ќе застанат Мохе Ахаронов на виолина и Јони Готлибович на виолончело. Тие ќе ги изведат композициите „Го сакате ли Брамс?“ на Ари Бен-Шабетаи, „Мистериозо“ за соло пијано на Ајал Адлер, „Џез на тема Матис“ на Рубен Серуси, ORA IACENTEM за пијано трио (2016) на Ангел Спироски, ВЕТЕР - РИДОВИ - БРАНОВИ за соло виолончело (2017) на Михаило Трандафиловски и ОГЛЕДАЛА за пијано трио (2011) на Валентина Велковска – Трајановска.

„За мене многу значи тоа што тие практично изведуваат и израелски и македонски композитори и на некој начин, да речам, можеме да се се споредиме и да слушнеме и да видиме точно како се движи мислата, што се случува на музичко поле, каде оди творештвото. Од друга страна членовите на ансамблот МЕИТАР се навистина врвни во светски рамки и навистина задоволството е огромно кога имате пред себе изведувачи кои ја донесуваат сета суштина на замислата што ние сме ја имале како композитори, како автори на композициите што ќе бидат на програмата на овој последен концерт во Скопје од 41-то издание на Денови на македонска музика“, вели Велковска – Трајановска.

Концертот е поддржан од Академијата за музика и танц во Ерусалим, Министерството за надворешни работи на Израел и Еврејската заедница во Република Македонија, а влезот е слободен.