„Крвавиот четврток“ и името - топ теми во неделниците

Архивска фотографија - Собранието на Македонија, 27 април, 2017.

Груевски сосе обезбедувањето беше во Виена за време на упадот во Собранието, наредбата значи стигнала преку „Виена колинг“, пишува неделникот Фокус. Капитал објавува интервју со поранешниот шеф на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос.

Фокус - Телефонски повик го открива нарачателот на крвавиот четврток

Откако еден дневен весник загатна, неделникот Фокус оди понатаму, па на насловната страница со крупни букви пишува: „Шутка виа Виена!“ и со поситно напишан наднаслов: „Телефонски повик го открива нарачателот на крвавиот четврток“, а на карикатурата, зад затворски решетки, што мислите чиј лик е нацртан? За во рубриката 7 дена да го прочитаме насловот: „Груевски е жртва на груевизмот“. „Со оглед на фактот дека Груевски сосе обезбедувањето беше во Виена за време на упадот во Собранието, наредбата значи стигнала преку ’Виена колинг‘“ – пишува неделникот, па авторот на текстот продолжува со информациите што ги има: „Арно ама, според моите сознанија, тој што е корисник на владиниот мобилен не е меѓу обвинетите. А што ако некој друг зборувал на тој телефон?“, ја дозаплеткува загатката Фокус.

Истиот неделник обработува уште една актуелна тема, овој пат во уводникот. Имено, ја разгледува можноста проблемот што Грција го има со нашето уставно име да биде решен со меѓународен договор, на што инсистира македонската страна.

Доколку дојде до меѓународен договор... Москва може да стави вето во Советот за безбедност и на тој начин да ја спречи меѓународната верификација на договорот и да го осуети нашето зачленување во НАТО и ЕУ“, читаме во колумната во која читателите повторно се исправени пред загатлива теза којашто ја раздвижува логиката на познавање на меѓународните геостратетигиски комбинаторики дека „ваков развој на настаните не е можен без волјата на Грција“.

Капитал – интервју со грчкиот политичар Венизелос за името

Капитал објавува интервју со поранешниот шеф на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос за чија најава ги користи зборовите на грчкиот политичар: „За конечното решение прво мора да имате консензус меѓу вас“. Венизелос додава дека на тој начин грчката страна би сакала да се избегне непочитувањето на евентуалниот договор преку јасен знак на волјата на сите политички фактори во земјата. И потоа го повторува веќе познатиот грчки став дека е потребен нов амандман во Уставот.

„Имаше тешкотии со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор.... амандманот би бил гаранција дека има политички консензус меѓу сите партии, како клучен фактор во однос на перспективите и одржливоста на можното решение“, вели Венизелос, за кого силните разлики помеѓу Владата и опозицијата се лош знак за иднината на еден таков можен договор и дека владиното мнозинство во парламентот не може да биде доволно за историски исчекор од овој тип.