Правобранителот бара порадикални реформи во администрацијата

Прес на народниот правобранител Иџет Мемети.

Сè поприсутна селективна правда, партизирана и непрофесионална администрација на централно, а особено на локално ниво, се сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните, вели народниот правобранител Иџет Мемети.

Реформата на јавната администрација, според согледувањата на Народниот правобранител, Иџет Мемети, не доживеа остварување во пракса и не одговори на клучниот предизвик, професионализација, деполитизација и рационализација на вработените. Тој очекува државните органи да го почитуваат мандатот кој им е доверен од граѓаните.

„Го повикувам министерот за информатичко општество под итно да пристапи кон порадикални и конкретни промени во овој систем, со што ќе обезбеди стручна и ефикасна администрација ослободена од партиски влијанија. Правната регулатива за јавната администрација како и партизираната и непрофесионална структура во пракса создава сериозни проблеми за граѓаните“, изјави Мемети.

На прес-конференција, на која го презентира Годишниот извештај за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2017 година, Мемети оцени дека и оваа година нема подобрување во заштитата на човековите права, а граѓаните освен за проблемот со партизираната и непрофесионална јавна админстрација на централно и особено на локално ниво, најмногу се жалат дека селективната правда е сè поприсутна.

Додаде дека социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик на граѓаните, има појава на дискриминација по сите основи и неефикасно судство и обвинителство кои потикнуваат недоверба, но и полиција која со примена на сила ги надминува овластувањата останувајќи неказнета.

Според Мемети полицијата во случајот со приведување пратеници не се одважила да признае дека го повредила правото на пратенички имунитет. Тој препорача МВР да се издигне над партиските интереси, а Обвинителството доследно и објективно да постапува.

Тој констатираше дека продолжува и против правното збогатување на државата, посочувајќи дека и покрај укинувањето на радиодифузната такса, УЈП наместо да им ги врати парите на граѓаните за преплатен паричен износ ги условува да поднесат барање и да уплатат такса во износ од 300 денари.

Во споредба со 2016 година за 5,92 проценти е намален бројот на повреди на човекови права и слободи, вели Мемети, но дополнува дека во последните неколку месеци повторно има зголемување на бројот на граѓани кои бараат заштита.

„Од мај на почетокот на мандатот на оваа Влада се намали бројот на луѓе кои бараат заштита кај Народниот правобранител, но сега има друг тренд. Драстично расте бројот на граѓани кои бараат заштита. За извршителите реков, за Втростепените комисиии стана алатка за мачење на граѓаните, наместо тие да добиваат услуги, здравството, права на ранливи групи, деца и лица со попреченост, работа на изборни тела или затворите што и да кажам од претходните пресови ќе се повторам. Нема подобрувања, или стојат во место или има влошување, ретко ќе најдеш систем каде има мал напредок“, изјави Мемети.

Лани, Народниот правобранител работел на 4.185 претставки, при што биле констатирани 1.137 повреди на човековите слободи и права. За 970 случаи оној што ја направил повредата ги прифатил забелешките на Народниот правобранител, за 104 постапката е во тек, а во 63 случаи и по сите преземени дејства препораките и забелешките не се прифатени.

Област во која граѓаните најмногу се жалат останува правосудството, а народниот правобранител информираше и дека има попречување на работата на неговата институција во имплементацијата на новата надлежност да дејствува како пријател на Судот, што подразбира овластување да учествува во сите фази од постапката.

Сепак тој како охрабрувачко го истакнува тоа што Владата и неколку министерства, меѓу кои особено Министерството за образование оствариле добра комуникација со институцијата Народен правобранител.

Мемети очекува дека извештајот ќе претставува добра основа Собранието да утврди мерки за подобрување на негативностите што тој ги констатира.

Прашан дали задоцнето реагирал за случајот Алмир, Мемети одговори дека правобранителот е вклучен во судската постапка, но не е задоволен дека има има поделби во медиумите и граѓанските организации.

Правобранителот допoлни дека ги истрaжува и проблемите на штитенците во детските домови и дека има сознанија за повеќе извршени абортуси и родени деца од штитеници.