Достапни линкови

Превенција и ресоцијализација за амнестираните затвореници


Стапува во сила новиот закон за амнестија со кој целосно се ослободуваат 670 затвореници, а на околу 4000 казната им е намалена за 30 отсто. Сега веќе слободните граѓани треба брзо да се интегрираат во општеството, а полицијата превентивно да го следи нивното однесување, посочуваат експертите.

Со стапување во сила на законот за амнестија, сите затвореници кои се ослободени од издржување на затворската казна стануваат слободни граѓани. Законот кој предизвика поделени реакции во јавноста предвидува ослободување на над 670 затвореници кои целосно се ослободуваат од издржување на казната, а околу 4000 други затвореници добиваат намалување за 30 отсто на казната.

Упатените посочуваат дека е многу важно овие лица кои ќе се најдат на слобода, превентивно да бидат следени од полицијата, со цел да се осигура дека тие нема да ги повторат делата.

„Сега треба да дојде до голем израз превенцијата на Министерството за внатрешни работи. Полицијата треба превентивно да го следи нивното движење, нивните контакти, дали повторно ќе се одаваат на алкохол, проституција, на вршење на кривични дела итн. Затоа што тие лица во полицијата се евидентирани“, вели Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во МВР.

Уште еден важен аспект на кој треба да се фокусираат надлежните е што поскоро да се изработи програма за брза ресоцијализација на тие лица.

„Животот на тие лица треба најнормално да продолжи. Затоа при имплементацијата на овој закон е потребно да се изработи силна социјална програма од страна на министерството за труд и социјална работа, која треба да се погрижи тие луѓе да ги вклучи во нормалните текови на живеење, со цел истите да не станат рецидивисти, односно да не ги повторат кривичните дела на улица“, вели Ѓурчевски.

Тој смета дека донесувањето на овој закон ги растеретува затворите кои беа пренатрупани и во кои и Народниот правобранител постојано укажуваше дека условите се катастрофални. Покрај тоа се растеретува и буџетот вели Ѓурчевски, според кој, непотребно е да се одвојуваат пари за да се држат во затвор лица кои сториле лесни кривични дела и кои за тоа се казнети со шестмесечен затвор.

Законот не ги опфаќа лицата осудени на доживотен затвор, тие за убиство, педофилија, дела против државата и изборниот процес, како и делата против меѓународното право. Амнестијата не се однесува и на лицата кои кривичните дела ги сториле по 20.09.2017 година.

Законот за амнестија ќе ги опфати и четирите илјади осудени со правосилна одлука, а кои чекаат ред за да ја издржат казната затвор. Сепак, тоа ќе важи само ако овие лице редовно се пријавувале во суд и доколку против нив не се распишани потерници.

Во Македонија неколкупати беа носени закони за амнестија. Еден од нив е и оној од 2002 со кој беа ослободени од одговорност сите лица кои беа осудени за кривични дела кои се однесуваа на конфликтот од 2001 година.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осуди новиот закон за амнестија со кој, како што соопштија, се ослободуваат докажани криминалци додека во притворските одделенија лежат патриоти. Партијата посочи дека законот бил донесен на шверцерски и дрзок начин, а од таму најавија дека подготвуваат нов закон за амнестија за притворените за насилствата во Собранието од 27 април, кој ќе го поднесе до Собранието.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG