Достапни линкови

Со амнестија нема да се подобрат условите во затворите


Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев, Народниот правобранител Иџет Мемети и извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска го посетија Казнено-поправниот дом „Идризово“
Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев, Народниот правобранител Иџет Мемети и извршниот директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права Уранија Пировска го посетија Казнено-поправниот дом „Идризово“

Владата изготви предлог закон за амнестија, кој по дебатата од 20 дена, ќе оди во редовна собраниска процедура. Законот не се однесува на сите осудени лица, a предвидува целосно ослободување на осудените на 6 месеци, а за останатите намалување на казните за 30 отсто.

Со предлог-законот за амнестија, кој Владата го усвои на последната седница, се предвидува целосно ослободување од извршување на казна на оние лица кои биле осудени на 6 месеци затвор, а за сите останати ќе има намалување од 30 отсто од казната. Предлог законот, како што денеска информираа од Владата не важи за лицата кои се осудени на доживотен затвор, за убиство, за кривични дела против избори и гласање, полова слобода и морал, како и за кривични дела против државата, злосторничко здружување и против човечноста и меѓународното право. Законот ќе се однесува на сите лица кои имаат правосилна пресуда до неговото стапување на сила, без разлика дали истите започнале со извршување на казната, како и за лицата кои биле осудени во странски и меѓународен суд, но казната ја извршуваат во Македонија, како и за оние лица кои се осудени за дела кои со промена на законот повеќе не се кривични дела.

Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, вели дека е важно да се потенцира оти за предлог-законот ќе има простор за дебата од 20 дена со цел сите да го искажат своето мислење, па потоа ќе влезе во собраниска процедура по редовна постапка.

„Целисходноста на донесување на еден ваков закон се повеќе фактори, меѓу кои преоптовареноста на затворите, нехуманите услови коишто постојат во нив, потребите од севкупни реформи во правосудниот систем каде што и делумно се затворите, има и компонента на хуманост, односно делот на ресоцијализација на затворениците да функционира подобро“, вели Бошњаковски.

Професорот Осман Кадриу смета дека побудите за предлог законот се јасни, а тоа се тешките услови во затворите. Но, со донесувањето на законот тој проблем, според него, нема да се реши. Прашање е дали тој треба да се донесе или треба да се работи на подобрување на условите во затворите. Друг аспект, како што посочува тој, е да не се прави дискриминација на лицата кои нема да бидат опфатени со амнестија.

„Оваа одлука како да е избрзана да се пристапи кон донесување на овој закон. Но, со оглед дека тој ќе се донесува во редовна постапка, јас сметам дека сепак стручната јавност ќе биде вклучена за време на јавната дискусија, прво, дали воопшто има потреба од донесување на таков закон и второ, сигурно дека ќе се дадат и конкретни амандмани и размислувања за тоа што треба да содржи законот кога станува збор за опсегот на лицата кои треба да бидат амнестирани“, вели Кадриу.

Предлог-законот го изготвила работна група од Министерството за правда која се консултирала и со меѓународни експерти. Законот нема да важи за лица кои се во бегство и ќе биде временски ограничен, но се уште не е утврдена рамката.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG