Офшор економија за проруска политика во Македонија?

Илустрација

Има сериозни индиции дека Русија се обидува да го искористи македонскиот енергетски сектор за да ја врати земјата од евроатлантскиот правец, а тоа го правела преку фирми чии траги водат до даночни раеви како Белизе, стои во најновиот извештај на софискиот „Центар за изучување на демократијата“

Русија предизвикува енергетска зависност на Македонија со контролирање на единствениот гасен пат преку Трансбалканскиот гасовод, а последните неколку години Русија вешто ја користеше политичката нестабилност во Македонија за да го поткопа нејзиниот евроатлантски правец. Тогаш претходната власт во Македонија имаше улога во зајакнувањето на врските со Русија, не само во националниот, туку и во регионалниот енергетски сектор.

Ова се дел од заклучоците на извештајот на влијателниот Центар за изучување на демократијата, со седиште во Софија, под наслов „Рускиот економски печат во Македонија“, за чија изработка биле користени истражувачки новинарски стории и анализи на релевантни експерти и организации од Македонија и од регионот.

Македонија е целосно зависна од рускиот гас и со цел да стане транзитен центар, поранешната влада настојуваше да влезе во два големи проекти под водство на Русија - Јужен поток и неговата замена Турски тек, се наведува во истражувањето на софискиот Центар.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руско Белизе за Македонија

Од Белизе до Хонг Конг

Извештајот посочува дека иако уделот на руските инвестиции во Македонија изгледа мал, само 27 милиони до 2015 година, добар дел од тие инвестиции доаѓаат преку трети земји, вклучувајќи ги офшор-зоните, како Кипар или Белизе, така што „се прикриваат вистинското сопствеништво и влијанието врз економијата“.

Истата анализа тврди и дека компанијата што сакаше да превземе една од најголемите енергетски компании во Македонија водела до уште еден даночен рај - Девствените Острови, а оттаму до руско-израелски бизнисмени“, а друга кипарска компанија, според анализата, „го поседува Југохром и нејзината трага води до компанија во Хонгконг“.

„Уште еден голем руски оператор на електрани - ТКГ, која го поседува ТЕ-ТО, функционира преку кипарско офшор-посредништво. Руско сопствеништво или руски врски има или имало зад компаниите БЕГ, Топлификација, ТЕ-ТО, Лукоил, зад еден рудник за олово и цинк, како и зад неколку енергетски компании зад кои, пак, стои ист синџир на сопственици“, стои во извештајот на софиските аналитичари.

„Руското економско влијание врз Западен Балкан е концентриран во мал број бизнис сектори како што се енергетиката, банкарството, металургијата и недвижнините. Но, Русија најмногу ја користи зависноста на тие земји од гасот што го купуваат од неа и врз основа на тоа врши политичко влијание“, вели за РСЕ Милош Шолаја, директор на Центарот за меѓународни односи од Бања Лука.​

Преку грчки компании до македонскиот пазар

Во Македонија се регистрирани 78 компании со најмалку 25 проценти акции во сопственост на руски ентитети или поединци, а дел од руското корпоративно влијание се канализира преку трети земји, стои во извештајот на Центарот за изучување на демократијата од Софија.

Во анализата како посебен пример се издвоени бизнисите на Сергеј Самсоненко, со акцент на спортската сала Јане Сандански во Скопје, добиена на 35 години, а менаџирана од кипарска фирма со врски со компанија во Белизе која, според извештајот на софискиот Центар, „има иста адреса со фирми кои се поврзуваат со луѓе блиски до врвот на претходната власт“.

Во извештајот на Центарот за изучување на демократијата стои и тоа дека „руски бизнисмени се обидувале да влезат на македонскиот пазар и преку грчки компании“.

Геостратешки интереси и во новата декада

Постојат сериозни индиции, се вели во анализата, дека Русија се обидува да го искористи македонскиот енергетски сектор за да оствари доминација во политиката на земјата.

Да успееја руските бизнисмени да ја преземат една од најголемите македонски енергетски компании, целосно ќе го контролираа енергетскиот пазар во Македонија, стои во извештајот во кој се наведува и дека „цената што ја наплаќа Русија за гасот е меѓу највисоките во Европа, а земјата е целосно зависна од нејзината испорака“.

Иако руското економско влијание во Македонија е помалку изразено во споредба со другите земји од Западен Балкан, има потенцијал за негов раст, предупредуваат експертите, бидејќи Русија има посебен план за проекти во енергетскиот сектор во следната декада.

Путин може да користи и локални бизнисмени кои сакаат добра зделка со Русите

„Секој знае што сака Путин, но наместо да биде голем план, имате многу индивидуални актери, кои можат да бидат амбасадори или политички претставници, или може да бидат шпиони или руски руски бизнисмени, но можат да бидат и локални бизнисмени кои сакаат добра зделка со Русите. Има многу луѓе кои се обидуваат да направат работи за кои сметаат дека ќе помогнат во унапредувањето на агендата на Кремљ“, вели во интервју за РСЕ, Марк Галеоти, координатор на Центарот за европска безбедност при Институтот за меѓународни односи во Прага.

Служба за финансиско разузнавање

Извештајот на Центарот за истражување на демократијата завршува со препораки како Македонија да се заштити од сомнителни инвестиции и несакано влијание. Една од препораките е да се отвори независна канцеларија за финансиско разузнавање, која ќе алармира кога сомнителни пари ќе сакаат да се слеат во македонски стратешки сектор, а втората препорака е либерализација на енергетскиот пазар согласно европската енергетска регулатива.