Потребна е поголема контрола на трошењето на буџетските пари

Сабина Факиќ и Герман Филков од Центар за граѓански комуникации.

Ниту еден закон не може да гарантира дека нема да има злоупотреби во постапките за јавни набавки, но добар закон и политичка волја можат да ги намалат злоупотребите, велат упатените. Според нив, Алатката за транспарентност на функционерите е добра, но и недостасуваат правила на однесување

Трошењето буџетски пари за авионски карти, службени патувања, угостителски услуги, дневници и слично е само мал дел во однос на парите коишто се трошат во процесите на јавни набавки, велат упатените. Скоро една третина од државната каса се троши за тендерските постапки, а искуството покажува дека токму во оваа област се прават најголемите злоупотреби. Според Центарот за граѓански комуникации новиот закон за јавни набавки кој се уште е во нацрт фаза, има неколку пропусти, а главниот е тоа што отсуствува надзор и контрола во сите фази од спроведувањето на јавните набавки.

„Ние сметаме дека треба да се воведе контрола за време на спроведување на постапките за јавни набавки за да може понатаму да се изрекуваат и оние прекршочни одредби коишто се предвидени, бидејќи сега не е јасно кој и како ќе оцени дека некој од договорните органи го имаат прекршено законот, значи тука има оставено една дупка. Понатаму отсуствуваат конкретни антикорупциски одредби кои ќе го објаснат начинот на кој може да се спречи судирот на интереси, а исто така потребно е дорегулирање на начинот на којшто ќе функционира новововедениот електронски пазар за набавките од мала вредност, бидејќи вака како што е поставен се чини дека ќе има доста дискрециско право на одлучување на договорните органи“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Филков вели дека надзорот и контролата преку воведување на конкретни антикорупциски одредби во законот можат да ги спречат евентуалните злоупотреби во постапките, но дека најважни се политичката волја и интегритетот на луѓето коишто работат во јавните набавки и фирмите кои учествуваат во постапката.

Бизнис заедницата забележува дека новиот закон за јавни набавки треба подобро да го дефинира процесот на утврдување на економски најповолната понуда, а реагира и во однос на начините на спроведување на електронските аукции и ангажирањето на поддоговарачи. Новина која се предлага во законот е и воведување на електронски регистар.

„Се уште не успеавме и по толку години од независноста, а посебно по многу помпезно најавувани реформи во последните години да направиме институција која ќе може не само соодветно да ја подготвува тендерска документација, туку и да ja спроведе целосната процедура во рамките на законот, не само додека се прават зделките, туку и кога се спроведуваат постапките“, смета економскиот аналитичар Арбен Халили.

Тој додава дека не секогаш најниската цена е и најдобрата понуда, истакнувајќи дека квалитетот, но и други фактори треба да се земат предвид при изборот на најдобриот понудувач на тендерот.

Во меѓувреме пак, владата презентираше Алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Се работи за софтверско решение кое ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите. Алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство итн.

Ваквата транспарентност е добра, вели Филков, но според него недостасуваат правилници, односно репери за однесување на државните функционери.

„Во ред е оваа поголема транспарентност особено оние наративни извештаи од коишто се дознава што е правено на конкретниот состанок каде се потрошени 5000 денари за кафе или нешто друго, но она што недостига се репери, правилници по коишто ние ќе видиме дали и кој смее да троши од државните функционери. Кој смее да се вози во економска, а кој во бизнис класа, кој смее за ручек да почасти 1000 денари, кој не смее или од колку смее. Значи ни требаат репери кој ќе ни покажат дали некој се однесувал според правилата, а некој друг се однесувал расипнички“, заклучува Филков.

Компаративната анализа на оваа Алатка покажала дека актуелната влада потрошила речиси два и пол пати помалку државни пари од функционерите на претходната влада по преземањето на нивните функции во 2014 година.