Народот има право да ја знае вистината и ова зло никогаш да не се повтори, велеше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, при секое објавување на таканаречените бомби. Пред точно три години тој почна со објавување на долгонајавуваните прислушувани разговори. Снимките, според партијата, се добиени од вработени во македонските служби, а зад прислушувањето стоеле тогашниот премиер Никола Груевски и неколку луѓе околу него.
Незаконски биле прислушувани над 20 илјади луѓе, политичари, новинари, бизнисмени, претставниците на невладиниот сектор, членовите на владата, на парламентот, односно, како што велеше Заев, сите од повлијателни општествени структури. Јавноста слушна 38 опозициски бомби на разни теми.
Груевски не си даде оставка за три дена како што предвидуваше Заев, но сепак си даде, а падна и од власт. Нешто повеќе од две години по првата бомба, Заев ја презеде власта во државата. Бомбите го изродија и СЈО, а обвинителството отвори низа процеси базирани на прислушуваните разговори. Се уште нема правна разрешница за тој кој прислушувал, но тоа не се правело од жолти комбиња како што тврдеше Груевски. Досега има осудени за дел од предметите кои ги отвори СЈО, така во случајот „Шамарите за Жерновски“, осудените се неколку луѓе на условна казна, откако го признаа делото за кое се товарат, но за главните обвинети процесот трае. Осудени има и за случајот со уништување на опрема за прислушување, а главните осудени разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски се чека да бидат екстрадирани, откако избегаа од државата, во соседна Грција.
Аналитичарот Џелал Незири вели дека народот очекуваше во рок од година-две законот за почне да функционира и виновниците да одговараат.
„Многу мал дел од политичарите кои се огрешија пред законот се пред лицето на правдата, за многу мал дел има конечна пресуда, на никого не му е конфискуван имотот стекнат преку корупривни активности. Можеби периодот е краток, може такви беа околностите, но ако ги споредуваме очекувањата од пред три години и резултатите од постоењето правна држава, мислам дека постои еден вид разочарување кај граѓаните“, вели Незири.
Од прислушување, преку мито, до изборни манипулации
А во бомбите можеше да се слушне за обиди за прикривање убиство на Мартин Нешкоски, за незаконски провизии за јавни набавки, незаконски судски одлуки и корумпирани судии, прислушувани новинари и поткупени медиуми во спрега со власта, местење избори, силеџии со полициска значка, организирање насилства во ошштина Центар, бесправно уривање на приватни објекти и бесправно градење на државни. Меѓу нив имаше и „бомба“ за името.
Кој се пазарел за името?
Тогаш од СДСМ рекоа дека Груевски се пазарел за уставното име на Македонија и водел разговори и договори за идентитетските прашања. Заев тогаш рече дека за уставното име Груевски и тогашниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков преговарале под маса со познатиот грчки бизнисмен Емануел Малезис, познат како Маноли, и дека тоа се правело надвор од преговарачкиот процес под покровитлество на ОН. Во еден од разговорите, Никола Груевски, Антонијо Милошоски и Сашо Мијалков, разговараат за додавките и заградите на новото име, рече Заев.
„Во разговорот за уставното име на Македонија се збори буквално како на пазар. Да биде со загради, да биде со додавки, да биде, не со една, туку со две придавки што ќе ја задоволи грчката страна. Независна, Суверена, Вардарска, Горна, Северна... Со еден збор се договара име посложено и од референцата ФИРОМ со којашто се потсмеваше власта на Груевски, а со којашто Македонија стана дел од Обединетите нации“, рече Заев.
А, според Заев, разговорот меѓу Антонијо Милошоски и некогашниот преговарач Зоран Јолески, се докажувало дека не е точно оти премиерот Никола Груевски не разговарал за идентитетските прашања и оти барал да се решат преку резолуција.
Во новата етапа од преговорите, сегашниот премиер Заев рече дека се подготвени на име со географска одредница. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат повеќе информации од власта и велат дека „во вакви околности, кога се кријат останатите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците кои се прифатливи“. Како што велат од партијата граѓаните се интересираат и дали освен подготвеноста на Заев за географска одредница, тој е подготвен и на отстапки во однос на идентитетските одредници како јазикот, нацијата и меѓународните кодови. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, во интервју рече дека одговорноста за донесените одлуки во врска со преговорите за името на земјата паѓа на Владата. Тој вели дека дека нема причина да не ѝ се даде шанса на оваа Влада да најде решение, ако е добро тие ќе го поддржат, ако е лошо нема.
Политичка криза, Пржино, аболиции и СЈО
Политичката криза која започна во 2012 со насилствата во Собранието, кога опозициските пратениците беа насилно изнесени за власта да ги изгласа буџетот, продолжи со напуштање на Парламентот по изборите кои следуваа, а се разгоре и продлабочи со објавувањето на прислушуваните разговори. Следуваа неколку продолженија на политички преговори, кои резултираа со неколку договори од Пржино, а како резултат на тие договори се формираше Специјалното јавно обвинителство. Кризата ја зачини и одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболицирање на 56 осомничени функционери и нивни соработници за предметите на СЈО, по што следуваа масовни протести, по што Иванов првин делумно, а потоа и целосно ја повлече аболицијата.
Непосредно пред Заев да започне да ги објавува прислушуваните разговори, Груевски на прес го обвини за „Пуч“, по што Јавното обвинителство и отвори таков предмет против лидеорт на тогшаната опозиција, а потоа предметот го презеде СЈО, но по некое време го повлече обвинението. Образложија дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага.