Малиновски – Ослободување на институциите за разрешница за злоупотребите

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Малиновски – Без ослободување на институциите нема разрешница за злоупотребите

Се надевам и посакувам да има разрешница и за високите функционери, а дали тоа ќе се случи, ќе зависи од тоа колку ќе бидеме подготвени да ги ослободиме институциите, јавното обвинителство и судот, од сите можни влијанија, пред сè од страна на високата политика и бизнис секторот, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Малиновски, колку е загрижувачко и апсурдно за една држава која има висок степен на корупција кога во институцијата која е најповикана да се бори против корупцијата ќе се открие дека имало злоупотреба на пари?

Се согласувам дека е загрижувачко. Најзагрижувачко е сознанието дека борбата против корупцијата била доверена на луѓе кои имале склоност и самите да се однесуваат несоодветно на позицијата која им била доверена. Тоа на некој начин е индикатор дека таа комисија не била посветена на задачите за кои била конституирана и задолжена согласно законот, туку едноставно своите функции ги подредувала на некои други цели.

Што ќе се случува понатаму со ова тело и дали треба да се смени моделот на избор на членовите на комисијата за да се обезбеди департизација за што најмногу и се забележуваше на комисијата, што ја правеше неефикасна и невидлива?

Првиот чекор што би требало да се направи е да се изберат нови членови, да се пополнат местата на овие што поднесоа оставки, меѓутоа треба да се има предвид дека пополнувањето ќе оди само за период да се доработи нивниот мандат, мислам дека се работи за една година или година и нешто, колку што новоизбраните ќе треба да доработат, толку ќе биде нивниот мандат. Тоа можеби не е некоја идеална околност да се ангажираат или да се прифатат на таа функција луѓе кои навистина сакаат нешто да направат на подолг период. Меѓутоа, што е тука е, мора да се пополни.

Во последниот извештај, Македонија годинава е за 17 места подолу во однос на индексот за перцепција на корупцијата. Што е причина што нема резултати во борбата против корупцијата и од каде да се почне?

Никако да се одглавиме од заробената држава, тоа не е од вчера или од завчера, подолго време Република Македонија е заробена држава и се има проблем во функционалноста на институциите. Ние сме сведоци дека живееме во време кога одлуките не се носат каде што треба да се носат, ако е тоа законодавен дом, тогаш пратениците треба да одлучуваат, значи се носат на некои други места и политичките договарање надвор од институциите на некој начин ги узурпираат вистинските места на одлучување. Треба да се научиме да го почитуваме правниот систем, да ја почитуваме поделбата на власта, да го почитуваме интегритетот на институциите и да работиме на нивно јакнење и резултатите сами ќе дојдат.

Очекувате ли високи функционери да одговараат за злоупотреби на власта и како го коментирате тоа што јавноста сè уште чека резултати од работата на СЈО?

Дали очекувам? Се надевам и посакувам да има разрешница и за високите функционери, а дали тоа ќе се случи, ќе зависи од тоа колку ќе бидеме подготвени да ги ослободиме институциите од сите можни влијанија, пред сè од страна на високата политика, на бизнис секторот... Притисоците се навистина големи врз сите институции, и врз јавното обвинителство и врз судот. Ако тие не бидат ослободени, јас се сомневам дека ќе имаме вистинска разрешница и пресуди базирани на фактите и на законот.

Целото интервју со Драган Малиновски може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.