Заев: Идентитетот е чувство и за него не можете да се ценкате

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека во однос на евентуален договор со Грција треба да се држиме до меѓународната пракса, а за идентитетот нагласи дека не може да се разговара. Грчките медиуми, пак, јавуваат дека е постигнат договор за три поглавја - името, опсегот и акронимите.

По пишувањата на грчкиот весник Катимерини дека е постигнат договор за три поглавја од спорот за разликата за името, премиерот Зоран Заев денеска рече дека се „поприлично заокружени или апсолвирани“ прашањата за иредентизмот и дека е разговарано во иднина по можен договор да се формираат работни групи кои ќе ги проверуваат учебниците на двете страни.

За инсистирањето на официјална Атина за промена на Уставот на Македонија во контекст на нивното барање за ерга омнес употреба, Заев рече дека треба да се држиме до меѓународната пракса.

Тоа се меѓународни договори, ратификација во парламентите, гласање во Обединетите нации, резолуција во Обединетите нации. Тоа е најсериозната гаранција за Република Грција, затоа што што било да бараат дома да се смени тоа е домашнo право на организација на оваа наша земја“, вели Заев.

Конкретно Катимерини објави дека за три поглавја, односно, за името, опсегот на употреба и акронимите е постигнат договор меѓу Скопје и Атина.

Три поглавја од седумте точки за кои разговараат двете страни, а за кои има приближување, спомена и Заев уште во средината на февруари. Тој тогаш не откри за што точно се работи, но рече дека министрите за надворешни работи на Македонија и Грција на состанокот во Виена со посредникот во спорот Метју Нимиц, успеале да постигнат приближување во ставовите за три точки за кои се разговарало.

Името и се очекуваше дека е полесно да се разговара со оглед на јасната позиција на македонската влада дека е прифатлива географска одредница. Заев минатата недела во интервју за агенцијата Ројтерс ги објави и конкретните предлози: Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје)“, но не кажа кое име е најприфатливо за македонската влада.

Нејасен опсегот на употребата

Опсегот на употребата, пак, се смета за покомплицирано прашање поради инсистирањето на Грција новото име да биде за севкупна употреба за што е потреба и промена на Уставот. Засега нема коментар од македонското Министерство за надворешни работи за пишувањата на Катимерини, меѓу кои е дека е договорен и опсегот на употребата.

Но, портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос за државната телевизија ЕРТ вчера повторно нагласи дека уставното име на Македонија треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес. Нагласи и дека тоа е потребно, бидејќи во иднина Уставниот суд можел да донесе одлука дека премиерот Заев немал надлежност да го потпише конкретниот договор.

Покрај овие прашања, како што соопшти претходно министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, се разговора за вкупно седум точки кои покрај името, опсегот и акронимите ги вклучуваат и идентитетот, јазикот, трговската употреба и знаците.

Заев денеска повтори и дека не сака да разговара со црвени линии, но дека мора да се води грижа за сочувувањето на достоинството на двете држави.

„И секако зачувување на она што значи чувство, а тоа е идентитетот. Идентитетот е чувство и за него буквално не можете да преговарате, да се ценкате или што било“, рече Заев.

Три недели без најава од Нимиц

Во меѓувреме, во македонските институции останува воздржаноста за детали и оценки поврзани со преговорите. Посочуваат дека се во очекување на посетата на Коѕијас на Скопје, која според последните најави ќе биде во втората половина од месецов.

Неофицијално, по неа, се очекува посредникот во спорот за разликите за името Метју Нимиц да ги викне шефовите на дипломатиите на двете земји на состанок. Последната средба на претставниците на двете земји и посредникот се одржа во Виена на 13 февруари.