Повеќемесечна расправа, одложување или „креативно решение“ за Законот за јазици?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи продолжението на 32. седница на која на дневен ред беа над 35.000 амандмани за Законот за јазиците. Почетокот на седницата се одложуваше во текот на целиот ден. Седницата, според информациите од Собранието, ќе биде дополнително закажана.

Блокирање на Собранието во наредните шест месеци, одложување на носењето на законот за јазици за да се овозможи Собранието да работи на реформските приоритети или наоѓање на „креативен начин“ за заобиколување на илјадниците амандмани на опозицијата и носење на Законот за употреба на јазиците. Ова се дел од можностите што се отвораат во пресрет на собраниската седница на која како точка на дневен ред е ставен спорниот закон.

По средбата меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неделата стана јасно дека нема приближување на ставовите во однос на законот за јазиците. Власта инсистира законот да биде донесен, додека опозицијата смета дека е неуставен и штетен и не ги повлекува 35-те илјади амандмани.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за денеска напладне го закажа продолжението на 32 седница на која треба да се расправа за Законот, потоа беше одложена за 15 часот, за на крај да соопштат дека ќе биде дополнително закажана.

Сè уште е неизвесно дали расправата за законот ќе почне или таа точка ќе биде прескокната. Сепак, дел од медиумите објавија дека е поставена заштитна преграда на местото каде што стои картичката на Џафери, за, ако опозицијата се обиде да ја блокира седницата, да не може да ја извади, како што се случуваше во минатото.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, вели дека очекува претседателот на парламентот Талат Џафери да го почитува Деловникот и да почне амандманската расправа за законот, но оти нема информации дали таа точка нема да биде прескокната.

Пратеници од владејачкото мнозинство велат оти не веруваат дека Џафери сепак нема да ја отвори расправата за јазиците без договор со опозицијата, но оти тоа на крајот е негова одлука.

Мицкоски во неделата рече дека остануваат на веќе познатите ставови за законот за јазици.

„Законот е неуставен, а понатаму неприменлив и дека мора да биде испочитуван Деловникот и законите за истиот“, рече тој.

Премиерот Заев вели дека Собранието не е тоа кое ја цени уставноста, туку кога ќе се донесе законот, тоа може да го направи Уставниот суд. Тој вели дека ако се расправа за сите 35 илјади амандмани на опозицијата, ќе бидат потребни најмалку шест месеци и Собранието ќе биде блокирано до после Самитот на НАТО во јули.

Дел од аналитичарите, па и дел од пратениците од владејачкото мнозинство велат дека законот треба да се гласа без воопшто да се отворат амандманите, зашто тој веќе еднаш бил донесен, но е вратен затоа што претседателот не го потпиша. Таква можност навести и премиерот Заев во неделата.

„Според мене постои деловничка можност, но до крај не знам, пратениците и правниците посебно тоа ќе го кажат, колку е тоа деловнички исправно. Затоа треба да разговараме за ваквите прашања. Јас уште еднаш апелирам на разумност“, рече Заев.

Собранието го донесе законот за јазици на 11 јануари во отсуство на опозицијата. Претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша законот, зашто, како што рече, бил донесен без јавна расправа, без научна дебата, без вклученост на академската и стручна јавност и без опозиција. Откако Собранието повторно го стави во процедура, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 35 илјади амандмани за да спречи негово донесување.